Хрватската иницијатива за поддршка на бегалците „Добредојдовте“ соопшти дека во близина на границата со Босна и Херцеговина поставиле плакати со натписи кои ја критикуваат Хрватска.

На плакатите пишува „Добредојдовте во Хрватска“ и „Хрватска полна со тортура“ на англиски јазик.

Како што е наведено, плакатите се поставени откако Европската комисија објави дека Хрватска ги исполнува условите за влез во шенгенскиот простор, иако „во Хрватска е нормализирано и институционализирано насилството“.

Целта на плакатите, како што велат од Иницијативата, е да се порача дека вистината на мигрантите кои секојдневно се изложени на полициска репресија е посилна и погласна од палки, ротирачки светла и ќелии и дека луѓето кои секојдневно трпат удари, навреди и пцовки зборуваат поавтентично за Хрватска од „истрошените туристички пароли“.

– Тие зборуваат за репресија која не познава граници, за насилство што се прелева и врз нас, за насилство кое ги напаѓа жените и девојчињата, ги заплашува трансродовите луѓе,  ги мрази Србите и Ромите, ги изгладнува работниците, ги прогонува активистите и новинарите, ги тепа антифашистите и слободарите, се наведува во соопштението на  иницијативата „Добредојдовте“.