Стотици милиони луѓе можат да останат без своите домови поради растот на нивото на морето во следните 30 години, покажува истражувањето што завчера беше објавено од списанието  „Нејчр комуникејшн“ (Nature Communications).

Очекуваниот раст на нивото на морето во овој период ќе биде од 0,6 до 2,1 метар, пишува Си-ен-ен.

Загрижувачки бројки

До 2050 година на овој начин површината на која во моментов живеат околу 300 милиони лица ќе опадне под надморската висина на просечна поплава, додека до 2100 година површина со 200 милиони жители трајно ќе опадне под стандарното ниво на плимата.

Нивото на морето од 1992 година во просек се крена дури за 7,6 сантиметри, а на некои места и речиси за 23 сантиметри. Со ова темпо можно е до 2010 година нивото на морето да се крене за 65 сантиметри, а Земјата да се загрее за дополнителни 3 Целзиусови степени.

Нашата планета забрзано се загрева, што особено се забележува по топењето на ледниците од Гренланд до Антарктикот.

 

Ледената плоча на Гренланд која може, доколку се стопи, да го зголеми нивото на морето за шест метри, се топи најбрзо, покажува истражувањето. Меѓу 2006 и 2015 година таа губеше во просек повеќе од 275 гигатони мраз годишно.

Ледениот покрив на Антарктикот, исто така, рапидно исчезнува. Загубата на неговата маса е тројно зголемена меѓу 2007 и 2016 година во однос на претходните 10 години.

Најлошо е во Азија

Околу 70 отсто од најлошо загрозените се земјите од Азија. Станува збор за осум земји – Кина, Јапонија, Индија, Индонезија,Тајланд, Филипини, Виетнам и Бангладеш.

Кинеските нисколежечки градови се посебно ранливи, а од главните градови ризични се виетнамски Ханој, бангладешка Дака и индиска Калкута, престолнината на Западен Бенгал.

Проблемот не е само во Азија, бидејќи истото им се заканува и на останатите земји, како Бразил, па дури и Велика Британија.

Научниците сметаат дека човештвото сè уште има избор, односно може да одлучи дали сака итно да ја запре глобалната завиност од фосилните горива.

„Доколку нашите откритија уште важат, крајбрежните заедници низ светот мораат да се подготват за многу потешка иднина отколку што во моментот им се чини“, предупредува истражувањето објавено во „Нејчр комуникејшн“.