Одлуката на Самитот на ЕУ за замрзнување на разговорите за проширувањето на Унијата, со што се одложи стартот на преговорите за членство со Македонија и Албанија, ја доведе Италија во позиција да се наметна како главен промотор на приемот на земјите од Западен Балкан во блокот, оценува магазинот „Њу Јуроп“.
Бриселскиот весник потсетува дека на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев во Рим на 29 октомври, шефот на италијанската Влада, Џузепе Конте потенцира дека Италија цврсто ќе ја поддржува Македонија и ќе работи на пронаоѓање формула за почеток на преговорите за членство на земјата во ЕУ.
Конте потенцира дека Македонија покажала храброст во решавањето на отворените прашања, што веќе и го отвори патот за членство во НАТО. Тој сепак нагласи дека италијанската поддршка не значи прием на земјата во ЕУ веднаш, објаснувајќи дека тоа ќе се случи дури по целосно завршувањето на преговорите по сите 35 поглавја, наведува „Њу Јуроп“.
Од друга страна, додава весникот, новиот претседател на Европскиот парламент, Италијанецот Давид Сасоли ја избра Македонија за дестинација за негова прва официјална посета надвор од ЕУ. Сасоли ја посети Македонија на 4 и 5 ноември, каде се сретна со Заев, претседателот Стево Пендаровски, спикерот на Парламентот, Талат Џафери и со други владини претставници. Слична посета на Сасоли е најавана и за 2 и 3 декември и тоа на Албанија, потсетува весникот.
„Њу Јуроп“ оценува дека Сасоли се обидел да му даде „позитивна светлина“ на ќорсокакот околу проширувањето на ЕУ, окарактеризирајќи го како „мала пречка“.
– Ние имаме заедничка судбина и една мала блокада не е доволна да ги запре нашите намери кон вас, чија цел е С. Македонија да стане членка од Европската Унија. Постои разочарување, но ние треба да имаме голема доверба и надеж, ги пренесува весникот пораките на Сасоли од Скопје.
Весникот натаму нагласува дека Европскиот економски и социјален комитет усвои строго предупредувачка резолуција на 31 октомври во која изразува „длабоко разочарување од неуспехот Европскиот совет на 17 и 18 октомври да донесе одлука за датум за почеток на пристапните преговори со Албанија и С. Македонија“. Претседател на Комитетот е Лука Јахиер, италијански новинар, потенцира „Њу Јуроп“.
– Аналитичарите се прашуваат дали италијанскиот интерес за поддршка на проширувањето е одраз на потрагата по поголеми економски можности, особено во енергетскиот сектор, или пак се работи за некои други фактори. Тие, исто така, се прашуваат дали сегашната италијанска поддршка ќе продолжи и во случај на промена на власта (во Рим) и ако Матео Салвини ја преземе должноста (италијански) премиер, имајќи ја предвид неговата претходно изразена наклонетост кон тврдокорниот националист Никола Груевски, поранешен премиер на земјата, кој сега ни е позната како С. Македонија, наведува весникот.
Според „Њу Јуроп“, зајакнатата италијанска улога на Западен Балкан може да се објасни со мноштво фактори, но се чини дека таа пред се должи на историската поврзаност на Италија со Албанија и Албанците, што е разбирливо бидејќи Рим долго време мораше да се справува со проблемите со трговијата со луѓе и шверцот на дрога од оваа земја.
Во случајот со Македонија, смета весникот, Италија и италијанските претставници во Брисел можеби гледаат подолгорочна перспектива поврзана со бројното албанско малцинство во земјата.
– На долг рок, изградбата на италијанскиот мост со албанските заедници на Западен Балкан би можело да се исплати, бидејќи останува тешко да се предвиди како и кога ќе бидат укинати границите што ги раздвојуваат големите албански заедници и држави, ако тоа некогаш и се случи, оценува „Њу Јуроп“.
Во текстот се наведува дека на сегашниот интерес на Италија за регионот може да се гледа и од аспект на традиционалната поделба на сферите на влијание, имајќи предвид дека е тешко да се предвиди политичкиот баланс меѓу Франција и Германија во Југоисточна Европа, особено ако и кога ќе се случи брегзитот. Според весникот, од друга страна позицијата на Грција е длабоко поткопана со нејзиното трошење енергија околу споровите во Егејското Море, Кипар и бегалската криза.
– Сето тоа го остава теренот отворен за Италија, заклучува „Њу Јуроп“.