Кандидатот за еврокомесар за проширување и соседска политика од Унгарија, Оливер Вархелји, доби зелено светло од политичките групи во Европскиот парламент.
Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент што го сослуша кандидатот минатата недела е задоволна со писмените одговори на дополнителните прашања од Оливер Вархелји испратени денеска и даде свое одобрение за тој да ја извршува функцијата комесар за проширување и соседска политика во идниот состав на Европската комисија.
Европскиот парламент треба во наредните недели да се состане на пленарна седница и да го изгласа целокупниот состав на тимот на избрана претседателка, Урсула фон дер Лајн. Комисијата би требало да започне со работа на 1 декември, со еден месец задоцнување.