Богатата американска класа е побогата од кога било и има повеќе пари за луксузни услуги, како што се масажи, маникир и педикир, и ангажирање приватни тренери.
Додека бројот на работни места за Американците од средната класа продолжува да опаѓа, расте бројот на работни места на дното и на врвот на скалата за плати.
„Она што ни недостасува во оваа земја е приход од средна класа – работните места за кои можеме да кажеме се традиционално посолидни и подостоинствени“, вели Марк Мјуро, истражувач во Институтот Брукингс.
Работниците во новата, ниска класа, кои се грижат да ги задоволат сите потреби на добростоечките, понекогаш се нарекуваат „работници за богатите“, пренесува Гласот на Америка. „Има повеќе луѓе на врвот кои можат да купат услуги“, вели Марк Мјуро.
„Не само што има повеќе богати, туку има повеќе луѓе кои се доволно имотни и подготвени да ги платат овие услуги – без разлика дали станува збор за инструктор по јога, шетачи на кучиња или курири, кои за нив прават разни мали работи. А на дното на социјалната скала има многу луѓе на кои им треба таква работа“, вели тој.
Работниците во служба на богатите се претежно жени – и Латиноамериканци. Тоа често се луѓе без високо образование, кои работат неколку работи, обезбедувајќи услуги на луѓе кои се материјално подобри отколку што се тие.
Пазарот на трудот за работници без високо образование е најбрзорастечкиот број на работни места во областа на услугите и личната нега, покажуваат податоците од Бирото за статистика на трудот на САД. Бројот на вакви работни места се очекува да порасне за 17 отсто во текот на следните 10 години, што ќе доведе до создавање на еден милион нови работни места.
Бројот на работници кои обезбедуваат маникир и педикир е дуплиран од 2010 до 2017 година, според Институтот Брукингс. Бројот на фитнес тренери и шетачи на кучиња се зголемил и до три пати повеќе од просечната стапка на вработеност. Мјуро вели дека најмалку три милиони луѓе во САД во моментов живеат од такви работни места.
„Ние не сме толку загрижени што постојат такви работни места, туку што тие не се особено добри работни места заради структурата на работата во Америка. Тие не се добро платени “, вели американски аналитичар.
Таквите работници можат лесно да бидат експлоатирани од нивните работодавци и ретко добиваат бенефиции како што се боледување, платен одмор или пензија.
Сепак, ваквите работни места се можност за нови имигранти да започнат кариера во Америка. Една третина од американската работна сила во моментот е вклучена во т.н. економија на хонорарни работи.
Околу 10 отсто од нив работат со полно работно време во такви занимања, а останатите прифаќаат повремени работи – како што е возење во Убер – да ги надополнат своите приходи од главната работа.