Со проекцијата на филмот „Среќна нова ‘49“ во режија на Столе Попов, вечерва во 20 часот во киното „Абц“ во главниот град на Косово започнува „Неделата на македонскиот филм“, која ќе трае до сабота, 7 декември.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, манифестацијата ја организира државната филмска куќа „Косовафилм“, со поддршка на Министерството за култура на Косово, во соработка со Кинотека на Македонија.
На публиката во приштинското кино на отворањето на манифестацијата ќе им се обратат актерот Мето Јовановски, кој толкува една од главните улоги во „Среќна нова ‘49“, директорот на Кинотека на Македонија Владимир Ангелов и директорот на „Вардар филм“ Насер Цури.
Претходно, на Факултетот за уметности при Приштинскиот универзитет денеска напладне ќе се одржи дебата, на која, покрај гостите од Македонија, ќе учествува и директорот на „Косовафилм“ Гани Мехметај.
Утре ќе биде прикажан „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, в среда (4 декември) „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески, в петок (6 декември) „Медена ноќ“ на Иво Трајков, а „Неделата на македонскиот филм“ в сабота (7 декември) ќе ја затвори филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар Митевска.