Непланираното во патувањето е секогаш она што носи највредно искуство, а локациите кои досега ги посетивме не уверија дека најинтересните приказни се наоѓаат во местата кои се уште се интернационално потценети.
Вака германскиот претприемачки пар Александра Рондорф (53) и Јирген Валенајт (56) ги оценуваат последните месеци од нивното едногодишно патување на различни дестинации кое е дел од нивниот проект MilesMeetsMoments (Милјите се среќаваат со моментите). МИА се сретна со патувачите од Келн при нивната посета на Скопје, каде ја чекаат поправката на својот верен сопатник, возилото од марката Форд Бронко, приспособено како канцеларија и нивен дом за време на тригодишното планирано патување.

Рондорф и Валенајт ги споделуваат своите впечатоци од посетата на неколку земји на Балканот, по Хрватска, од каде МИА летово првично ги контактираше.
Како се развиваше приказната за MilesMeetsMoments од нашиот последен контакт, кога ја посетивте Хрватска ова лето?
-Од тогаш до сега, нашето патување не однесе во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Грција, пред да дојдеме во Македонија. Она што започна како патување од Келн до Сиднеј, со нашето приспособено возило Форд Бронко, полека прерасна во интернационално раскажување на приказни и бизнис проекти. Патуваме повеќе од една година, комбинирајќи ја нашата страст за откривање нови места со нашиот професионален стаж во претприемништвото, маркетингот и медиумите. Посебно сме заинтересирани да запознаеме претприемачи, да откриеме иновативни бизниси и да споделиме приказни кои заслужуваат поголемо меѓународно внимание.
На пример, Албанија беше важно поглавје за нас, а по неколку недели во Тирана, откривме изненадувачки динамичен стартап екосистем и остваривме значајни бизнис врски. Но нашето патување исто така, не научи дека работите ретко се одвиваат според планот. Нашиот Бронко покажа сериозни механички проблеми и на крајот мораше да остане во сервис во Лариса, Грција. За првпат, моравме да го продолжиме нашето патување без возилото, кое истовремено е и наш дом, канцеларија и средство за транспорт. Иронично, оваа неочекувана ситуација ни ја отвори вратата за едни од најинтересните искуства досега.

Колку време сте во Македонија и кои беа вашите активности овде?
-Во Скопје пристигнавме на 26 септември, првично планирајќи да останеме само една недела. По скоро четири недели, ние сме се уште тука! Главна причина за нашата посета беше конференцијата “Startup Revolution AI Summit” каде што учествуваше и MilesMeetsMoments како официјален медиумски партнер. Спроведовме интервјуа, снимивме презентации и се сретнавме со инспиративни претприемачи, инвеститори и иноватори од Македонија и надвор од неа. Едно од нашите први искуства беше посетата на античкиот археолошки град Стоби и истоимената винарија, кои ни дадоа прекрасен вовед во историјата и винската култура на земјата. Исто така, учествувавме во петкилометарската трка на Скопскиот маратон, го истраживме градот и откривме прекрасни места како кањонот Матка, езерото Треска и планината Водно.
Во меѓувреме успеавме да го посетиме и Косово, каде што присуствувавме на конференцијата за технологија “KosICT” во Приштина. Поради поправката на нашето возило, го продолжувавме нашиот престој неколку пати. Престојувавме во различни станови во Скопје, особено во Дебар Маало, кое навистина го засакавме. Она што требаше да биде кратка бизнис посета се претвори во можност да се искуси секојдневниот живот во оваа земја. Ги откривавме локалните кафулиња, ресторантите, маалата и традициите, и се запознавме со луѓе со кои се надеваме дека ќе останеме во контакт.

Кој е вашиот генерален впечаток за Балканот?
-Балканот како и Мароко, ни беше едно од најголемите позитивни изненадувања на нашето патување. Она што најмногу не импресионира е комбинацијата на љубезност, претприемничка амбиција и волјата да се создаде нешто ново. Сретнавме луѓе кои се неверојатно отворени да ти посакаат добредојде и кои се горди на своите земји. Во истовреме, откривме бизнис и стартап средина која веруваме дека заслужува многу поголемо меѓународно внимание. Но настрана од бизнисот, она што најмногу ќе го запомниме се луѓето. За време на нашата посета на Косово, на пример, пар кој штотуку го запознавме не покани во нивниот дом. Ваквите искуства не потсетуваат зошто воопшто го започнавме MilesMeetsMoments. Балканот ни покажа дека најинтересните приказни се наоѓаат во местата кои се уште се интернационално потценети.
Со какви претприемачки идеи се сретнавте овде?
-Во Тирана, видовме како поранешните историски згради, како што е пирамидата се трансформираат во модерни центри за технологија, образование и претприемништво. Во Скопје, “Startup Revolution AI Summit” ни ги претстави претпиемачите кои работат на полето на вештачката интелигенција, дигитална трансформација, маркетинг и иновативни бизнис модели. Особено бевме импресионирани од тоа колку многу млади претприемачи се интернационално ориентирани. Тие не размислуваат само за своите локални пазари, туку сакаат да изградат бизниси кои може интернационално да се натпреваруваат. Исто така, откривме интересни можности во повеќе традиционални индустрии, вклучувајќи ги и туризмот, гостопримливоста и производството на вино. За нас, една од највозбудливите можности е да се поврзат бизнисите и претприемачите од Балканот со потенцијални партнери во Германија и во други европски пазари.
Каде следно ќе ве однесе вашето патување?
-Нашата последна дестинација е Сиднеј, Австралија и очекуваме нашето патување да трае барем три години. Но намерно ја оставаме рутата флексибилна бидејќи сакаме да оставиме простор за неочекувани средби, интересни проекти и нови можности. Нашата следна задолжителна дестинација ќе биде Грција, каде што се надеваме дека конечно ќе го земеме нашиот Форд Бронко. Од таму, нашата планирана рута ќе продолжи во југоисточна Европа, вклучувајќи ја и Турција, пред да продолжиме кон Грузија и кон истокот. Исто така, ја планираме и Малта како дел од следната фаза на нашето патување.

На почетокот од декември, имаме уште една обврска да бидеме чувари на куќа за извесен период, па се надеваме дека ќе бидеме на пат многу пред тоа. Како и да е, нашето искуство во Македонија уште еднаш не потсети дека понекогаш највредните искуства се случуваат кога има измени во плановите. Токму тоа е суштината на MilesMeetsMoments – не само да биде колекционер на дестинации, но и да открива луѓе, идеи и приказни кои се среќаваат по патот.
МИА




