Зоран Заев на конференцијата „НАТО се ангажира“ порача дека Македонија, која во наредните месеци треба да стане полноправна членка на Алијансата, ќе ја постигне стапката од два отсто БДП за одбрана во 2024, а можеби и порано.
Во последните две и пол години го дуплиравме трошокот за одбрана, од 0,8 отсто сега сме на 1,4 отсто и наша цел е да постигнеме два отсто во 2024, а ќе ја постигнеме стапката и порана, изјави Заев на конференцијата.
Заев потсети дека Македонија сѐ уште не е полноправна членка и дека зголемувањето на буџетската стапка за одбрана започна пред две и пол години.
Голем број европски земји членки на НАТО, вклучително и Германија и Франција, сѐ уште не трошат два отсто од својот буџет за одбрана, што предизвикува значајни тензии со САД и претседателот Доналд Трамп.
Запрашан дали е загрижен што неговата земја се зачленува во Северноатлантската алијанса во момент кога некои земји членки ја доведуваат во прашање нејзината иднина, Заев посочи дека станува збор за „политичка дебата“.
-Ниту една земја-членка не треба да заборави зошто НАТО е најголемата Алијанса, ги чува мирот и стабилност, ќе има внатрешни дебати, треба да има реформи, мораме да бидеме поподготвени, не верувам дека нешто страшно ќе се случи, дека некоја земја ќе напушти, рече премиерот додавајќи дека „мора да има дебати, тешките разговори можат да бидат лесни ако се има јасна визија“.
Заев го делеше панелот со полскиот претседател, Анджеј Дуда, чија земја се наоѓа во деликатна позиција поради тензиите помеѓу Франција и Турција. Додека францускиот претседател, Емануел Макрон, сугерира „затоплување“ на односите со Русија, турскиот претседател се закани дека ќе го попречи дејството на Алијансата на Балтикот доколку НАТО не ги признае курдските воени групи како терористи.
Дуда, меѓутоа, истакна дека НАТО како сојуз на речиси триесет земји е „огромно поле на расправи“ и најави дека ќе се сретне со Реџеп Таип Ердоган утре со кого ќе се обиде да изнајде компромис.
МИА