На Блу Гринвуд му била дијагностицирана многу тешка форма на церебрална парализа кога имал само 4 месеци. Тој страдал од сериозни грчеви во мускулите и му било тешко да ја задржи главата исправена заради слабите мускули.
На неговите родители им било кажано дека тој не е добар кандидат за операција и целиот живот ќе го помине во инвалидска количка.
Родителите на Блу, Риле Чапл и Дејл Гринвуд, одбиле да ја прифатат прогнозата и почнале да бараат второ мислење. Тие биле решени да му дадат на својот син најдобра прилика да ја победи неговата болест.
Неговата мајка знаела дека нешто не е во ред со нејзиното дете само што се родило: „Тој чудно се тресеше и знаев дека нешто не е во ред. Кога имаеше 10 дена, почна да има напади. Кога имаше 4 месеци неговата состојба не се подобри и тогаш ја добивме дијагнозата. Ни рекоа дека тој има најтешка форма на церебрална парализа и дека ниту со операција нема да може да оди или да говори“.
Семејството по некое време успеало да собере доволно пари за Блу да биде подложен на операција, за поправање на нервите во ‘рбетот, кои испраќале абнормални сигнали до неговите мускули поради што се грчел.
Оваа година, на Блу му беше направена операција, која по 5 месеци закрепнување, му овозможи тој прв пат да прооди.
„Тоа беше најсреќниот момент во мојот живот. Беше прекрасно затоа што мислевме дека тоа некогаш нема да се случи. Тоа само покажува колку е тој одлучен. Ние сме многу горди на него “, вели Риле, додавајќи дека „направиле одлична забава кога прв пат проодел и дека тој е исто така многу среќен “.
Блу ги воодушевил сите во градинката кога дошол пешки. Тој досега имал неколку инфекции и воспаление на белите дробови, но не се поколебал.
„Тој е многу решителен, иако има помал животен век. Само сакаме тој да биде што е можно посреќен и што е можно подолго. Ние сакаме тој да се смее колку што може повеќе. Поради операцијата, тој стана многу независен и неговиот квалитет на живот значително му се подобри“, вели неговата мајка.