Излегувањето на Велика Британија од ЕУ ќе ги погоди пред сѐ соседните земји. Белгија ќе биде силно погодена, посебно во случај на Брегзит без договор, а Антверпен е меѓу најзасегнатите градови во земјата, објави регионалната Влада на Фландрија.

Во случај на Брегзит без договор, Белгија ризикува да изгуби 42.000 работни места пред сѐ во прехранбената и текстилната индустрија, нотира извештајот.

Од тие 42.000 работни места, повеќе од половина го засегаат северот на земјата односно Фландрија. Според студијата ова претставува 1,06 отсто од работоспособното население на регионот.

Градот и регионот Брисел би претрпеле најмала штета со четири илјади изгубени работни места. Југот на земјата, регионот Валонија, би бил оштетен со 10 илјади работни места.

Во апсолутни бројки, градот Антверпен ќе го претрпи најсилниот удар кога Британците ќе ја напуштат Унијата. Во случај на Брегзит без договор, 7.900 работни места би биле изгубени, додека во случај на договор помеѓу Лондон и ЕУ во кој Обединетото Кралство останува силно усогласен со ЕТ стандардите и трговијата се одвива глатко, Антверпен би можел да спаси околу шест илјади од тие работни места, се наведува во студијата.

Белгија ќе биде меѓу трите најпогодени земји од Брегзит, без разлика дали станува збор за тврд или мек Брегзит, додаваат авторите на студијата нарачана од регионалната влада на Фландрија