До тешката железничка несреќа кај Толедо, во која загинаа 64 лица, дојде откако на брз воз на „Ренфе“ му било наредено да продолжи да се движи и покрај тоа што на истата пруга имало друг воз, а семафорот покажувал црвено, со што биле прекршени правилата – изјави денеска шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте.

Зборувајќи пред новинарите во Мадрид, Пуенте појасни дека семафорот се вклучил на црвено поради дефект во компјутерските комуникации, што автоматски го запрело железничкиот сообраќај, но сепак била донесена погрешна одлука возот на „Ренфе“ да продолжи со движењето.

Во меѓувреме, властите соопштија дека спасувачките екипи продолжуваат да ги пребаруваат остатоците од вагоните. Според шпанската телевизија, повредени се 80 лица, од кои 30 се хоспитализирани со полесни, а 50 со потешки повреди, при што некои од нив се во критична состојба. Претходно, други шпански медиуми објавија дека бројот на повредени достигнал 179 лица.