Средношколците од гимназиите Никола Карев и Раде Јовчевски Корчагин во Скопје утринава се собраа во училишните дворови приклучувајќи се на најавениот бојкот поради огромното загадување на воздухот во градот, објави Радио МОФ.
– Бојкотираме во внатрешниот двор, од директорот ни беше кажано дека не смееме да се движиме по ходници. Мораме да бидеме во внатрешниот двор или на часови, изјавиле гимназијалците од Корчагин.
Младинскиот образовен форум синоќа ги повика учениците да пријават ако некој им врши притисок на училиште или ако на одреден начин им ги повредуваат нивните ученички права.
Повикот доаѓа откако скопскиот огранок на „Fridays For Future“ информираше дека директори на средни училишта вршеле притисок врз ученици да не ја бојкотираат наставата и да не учествуваат во денешниот марш за чист воздух.
Средношколци од Скопје преку социјалните мрежи најавија бојкот на наставата во сите средни училишта, во знак на протест против високото ниво на загаденост на воздухот. Тие ќе бидат во холовите на училиштата, но нема да присуствуваат на часовите.
Покрај бунтот на младите против енормното загадување во Скопје, протест за денеска е закажан од младите и во Битола и други градови.