Филипинскиот претседател Родриго Дутерте му порача на Меѓународниот кривичен суд во Хаг да донесе одлука за негово апсење или бесење поради наводните убиства во неговата борба против дрогата.
Неговите забелешки се најново спротивставување на судот во Хаг, кој се очекува да донесе одлука дали ќе спроведе истрага за илјадници смртни случаи за време на „борбата против дрогата“, кога, според активистите, се извршени злосторства против човештвото.
– Не ме плашете со тоа дека ќе ме уапсите. Никогаш нема да си дозволам да одговорам пред белци. Никогаш, никогаш, никогаш нема да одговорам на ниту едно ваше прашање. Тоа е глупост за мене. Им одговарам единствено на Филипинците и тие ќе судат, изјави Дутерте.
Тој додаде и дека доколку му биде изречена казна со бесење за она што го направил, тоа ќе претставува негово задоволство.
Групи за заштита на човековите права соопштија дека борбата на Дутерте предизвикала систематски убиства и нивно прикривање од страна на полицијата.
Полицијата ги демантираше таквите тврдења и соопшти дека околу 7.000 убиени лица биле вооружени нарко дилери кои се спротивставувале на апсење.