ТЕЛЕФОНСКА АНКЕТА НА МКД: ВМРО-ДПМНЕ води пред СДСМ

/ 23.12.2019

Македонија оди во погрешна насока, судството со години добива единица во однос на довербата кон граѓаните, владее страв во политичкото изјаснување, опозициската ВМРО-ДПМНЕ е во предност пред СДСМ, а криминалот и корупцијата се на врвот од предизвиците со кои новата власт ќе треба да се соочи. Ова се дел од резултатите од телефонската анкета на МКД.мк, спроведена од Маркет вижн на 1.200 граѓани во периодот од 12 до 20 декември

Анкетата покажува дека во однос на оценките за државните институции (градоначалник, претседател, премиер, влада, судство) никој нема поголема оценка од 2,61 (претседателот на државата). Од 1 до 5 најниска оценка доби судството (1,79), а кај премиерот очигледна е надолната линија – од 2,61 во ноември 2018, до 2,40 во декември.

Големо е и незадоволството за тоа дали Македонија оди во добра или погрешна насока. На оваа анкета дури 61 отсто од прашаните граѓани одговориле дека Македонија оди во погрешна насока (во ноември 2018 година овој процент беше 54,9 отсто). Намалени се бројките кај граѓаните кои во ноември 2018 одговориле дека Македонија оди во добра насока (32,6%), во декември годинава тој процент е 27,9 отсто.

Во однос на политичката определеност на гласачите ако утре се одржат парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ е во предност (14,17%) пред СДСМ (11,58%) од 1.200 анкетирани.

Ако овие бројки ги пресметаме само во однос на оние кои се определиле (929), тогаш разликата е – за ВМРО-ДПММЕ 18,3%, за СДСМ 15%.

Висок е процентот на оние кои одговориле дека ќе ги бојкотираат изборите (22,5%) и оние кои велат дека сѐ уште се неопределени (21,67%).

И во албанскиот политички блок, опозициските партии здружени (Алијанса за Албанците, Беса и Алтернатива за Албанците) би можеле да освојат повеќе пратеници од ДУИ.

Меѓу гласачите Македонци разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е поголема – 12,6%:7,2%. Висок е и процентот на гласачите Албанци кои би гласале за СДСМ – 2,1%.

Анкетата е извршена на репрезентативен примерок на ниво на Македонија според: регион, пол и возраст во однос на проценките за населениетот од Државниот завод за статистика од 2017 година. Албанската популација во примерокот е застапена со 20,7%.


Од истата категорија