Охриѓанецот Спирко Топал подолго време мака мачи да добие пат до местото каде што како што вели, сака да изгради „А4 објект за домување во населбата Рача, а не хотел, ниту викендичка“, пишува Охрид 1.
Тој неодамна објави дека крева раце од се и дека изгубил верба во правна држава. Откако како што вели изгубил надеж и се разочарал од правната држава, па се одлучил да го продава својот имот но, како што вели и како што објави на табла пред објектот: „Плацот се продава, само на Албанец“.
„До кога ние Македонците ќе се иселуваме, а Албанците ќе градат од Скопје до Прилеп. Ни СДСМ ни ВМРО ДПМНЕ повеќе не се грижат за народот и нивните маки“, ги пренсува Охрид 1 зборовите на Топал.
Како што пишува порталот, тој додава дека бил дел од Единицата за брза интервенција „Лавови“, поранешната полициска единица во составот на Министерството за внатрешни работи.
„Живот давав за Македонија, а сега дојде време ние да се иселуваме од сопсвениот град и држава. Нема повеќе живот овде. Како да живеам во 35 м2, со сопругата и четири деца. Сакам да создадам во мојот град, во Македонија, но, очигледно некој сака да не натера да се иселиме. Се е лага во оваа држава. Се додека има селективна правда овде нема живот. Велам селективна, затоа што до мене на истото место има видни личности кои имаат имот, но за нив не важат правилата кои важат за мене. До кога?“, вели Топал.
Тој е категоричен дека на децата мора да им обезбеди дом, пишува Охрид 1.
„Затоа ќе го продадам плацот кој ми значи премногу, но морам да му обезбедам живеалиште за семејството“, вели Топал.