Брисел планира да воведе заедничка европска минимална плата. Европската комисија ќе се обиде да ги убеди скептичните северни земји во Унијата да ја поддржат иницијативата. Тоа го најави Николас Шмит, комесар на ЕУ, одговорен за работни места и социјални права.
Тој изјави дека започнале консултации за планот на Комисијата за борба против експлоатацијата на евтина работна сила во Европската унија и фактот дека во многу земји во Унијата работниците добиваат значително пониски плати за одредени професии отколку во други земји.
Ако доволно земји од ЕУ ја поддржат иницијативата, тоа може да доведе до воведување на нов закон.
Сепак, Шмит истакна дека Брисел слушал критики од северните земји, кои стравуваат се дека таквата иницијатива може да ги поткопа нивните системи за колективно договарање, со кои работниците и работодавците во тие земји утврдуваат плата.
„Имавме многу дискусии со шведскиот, како и со данските синдикати, со работодавците и владите во овие земји“, рече Шмит.
„Значи, јасно е дека во идниот правен текст, ќе обезбедиме да има секакви одредби што јасно даваат до знаење дека системот за колективно договарање, како што е во Шведска, Данска и евентуално и во други земји, е заштитен“, додаде тој.
Данска, Шведска и Финска немаат минимална плата. Наместо тоа, за платите се преговара директно меѓу синдикатите и работодавачите – т.н. систем на колективно договарање – и обично се повисоки отколку во повеќето други земји на ЕУ.