Големи притисоци во секојдневното живеење, политичките „расцепувања“ во поларитетните ситуации (едни на една, други на друга страна), одливот на младите во странство во потрагата за подобар живот, поединецот свиткан настрана од случувањата во потребата да го заштити своето психолошко здравје, младите во училиштата подложни на повеќе страни влијанија во размислувањата, возрасниот граѓанин на пагот на дилемата која „опција“ да ја прифати… се дел од психолошките притисоци на современиот човек во земјата.
Од што боледуваат граѓанинот, општесвото? И дали бараат „иљач“ или веруваат ли во психолошката помош?
За клиничкиот психолог Јован Велески кој работи во прилепската градска болница „Борка Талески“ е јасно: болеста на општеството е отуѓеноста, но психолошката помош сѐ уште е баук. Јануарските празници, малку помогнаа, но не ја излекуваа душата. Да ја намалат отуѓеноста. Отуѓеноста психолозите ја сметаат за основна болка на македонското општество. Клиничкиот психолог Велески е директен, отсликувајќи ги состојбите на „поделената душа“ на која влијаат и сите достигнувања кои ги земаме „здраво за готово“.
-Во овој момент, во македонското општество постои еден расцеп, поларизација во која секогаш, на едниот крај, ќе видите екстремни луѓе, а на другито крај – сосема обични луѓе кои се борат со егзистенцијални проблеми. Распонот помеѓу нив е многу голем и тоа предизвикува лични незадоволства и трауми. Од друга страна, во општеството постои систем на хаотични сфаќања на реалноста. Ако се прошетаме низ улиците на кој било град, ќе видиме дека најмногу што се отвора се обложувалници. Значи, луѓето сѐ повеќе веруваат на надворешен фокус на контролата. Ако го вклучите телевизорот, ќе видите разни „риалити“, забавни програми, игри на среќа, филмови со компјутерска обработка или, пак, со екстремно агресивно однесување. Од друга страна, сајбер-технологијата нуди можности за развој на општеството, но свеста кај македонските граѓанин е до тоа ниво што играат игри кои во основа се агресивни. Смарт-технологијата не им дозволува на младите да се развиваат и да размислуваат правилно во насока на личен ангажман на сопствените способности. Користењето на таа технологија, луѓето ги прави помрзливи и да бидат зависни од сето тоа. Значи, сето тоа се концепти што нема да понудат решение кое ќе биде задоволително за развојот на македонскиот граѓанин, објаснува Велески.
Според Велески притисокот е голем, зашто македонскиот граѓанин по природа е емотивен, темпераментен и многу лично ги доживува општествените „тектонски“ поместувања.
-Најголемата болка на современиот човек, секако е – отуѓувањето. Луѓето, сѐ повеќе се одделуваат од својата природа, без да станат свесни како и зошто тоа го прават. Но одделувањето од своите чувства и прифаќањето на илузии, го оттуѓува човекот, го прави да се однесува како што прави комерционалниот дел од општеството кое тоа го нуди. А тоа е најболно. особено за нас, Македонците, топли и чувствителни. Тоа нас најмногу нѐ погодува. Ние имаме кодекс да се воспитуват, да се „држат“ заедно фамилиите, а тоа „исчашување“ оди во насока луѓето да станат посебични, помрзливи. Се губи колективното, семејното, без што една средина не може да напредува, констатира Велески.
Македонската психологија може да се справи со сите проблеми, ако секој од поединците и родителите сфатат дека одењето на психолог не е баук, туку тоа е насушна потреба да се развие сопствениот потенцијал и да може да се адаптира на секојдневните предизвици кои ги нуди ваквото нестабилно општествено живеење. Во Македонија има 640-ина психолози, во големите градови функционираат ординации, во помалите, пак, сѐ уште е баук да се посетува психолог за решавање на професионалните, личните и брачните проблеми. Во училиштата исчезнува како изучување, а може многу да им помогне на младите да се снајдат во ова време на живеење.
-Македонија има на располагање околу 640 психолози кои функционираат со различен квалитет. Има доволно приватни амбуланти на лиценцирани психолози кои се занимаваат со развојот на идивидуалните потенцијали на луѓето, но над сето ова своја заштита треба да стави државниот интерес, да се воспостават тие граници на контролата на однесувањето и на контролата на развојот на младата популација во Македонија. Тука најмногу психологијата може да помогне. Во моментов ситуацијата е следна: во средните училишта психологијата, како таква, речиси не се изучува, без разлика што современите научни сфаќања во светот стојат на ставот дека, општо, постојат две главни науки: едната е математиката поради егзакноста, а другата е психологијата поради субјективноста на доживувањата. На средината се сите останати. Во Македонија, иако во мометов постојат четири факултети, сепак, нивото на едукација е многу ниско на психолозите, зашто потоа, тие, задолжително, мора да бараат дополнителни едукации кои, некогаш, траат и повеќе од пет до шест години, за да може да одговорат на барањата на клиентите и на професијата, анализира Велески.
Но, психолошките совети и третмани се сѐ уште баук.
-Големите градови, како Скопје, одамна имаат приватни психолошки ординации. Во Белград, колку што знам, има 80-ина психолошки ординации и работат одлично. Во Македонија, во помалите места, тие услуги, сѐ уште се на минорно ниво. Во Прилеп постојат две приватни советувалишта, добро работат, Но, граѓаните, не секогаш, се подготвени да примат психолошка услуга. Ним повеќе им одговара да испијат некоја таблета, да појдат во Судот да тужат, отколку да прифатат некои состојби за да ги променат. Промените се болни, бараат засек како во оперативен зафат, но мора да се направи за да се променат состојбите за кои ви сугерира психологот, смета клиничкиот психолог Јован Велески.
Според клиничкиот психолог Јован Велески отуѓеноста, ако не се преземе нешто итно, може сите да нѐ зарази неповратно. основен стравот од психолошките третмани да се „избрише“, сериозно да му се пријде на проблемот кој бара итен лек да се излекува. А лекот е во поставувањето на вистинските вредности, квалитетите.
-Лекот за да се излекува отуѓеноста е во поставувањето на вистинските квалитети. Ако ние инсистираме да бидеме член од големото европско семејство, тогаш, кои се трите најдобри квалитети кои ни ги нудат? Јас не може да видам ниту два квалитета за кои се залагаа Вили Брант и Шарл де Гол. А, сѐ се рефлектира на поединецот кој мисли дека така треба да се однесува зашто најлесно ќе се адаптира. Затоа проверените традиционални вредности и квалитети (вредните, вистински) мора да се вратат на своето место, вели психологот Јован Велески.
Елизабета Митреска за МИА