Казнено поправните установи во Македонија имаат место за уште 500 осудени лица.

Директорот за Управата за извршување на санкции, Јовица Стојановиќ во врска со последниот извештај на ЕВРОСТАТ, во кој се наведува дека на 100 илјади граѓани во нашата земја имаа 146 затвореници, во изјава за МИА вели дека моментално во КПУ на извршување на казни се 1.883 лица, односно 13 штитеници, од вкупниот капацитет од 2.384 легла.

Од друга страна директорот Стојановиќ, истакна дека моментално мерката притвор ја извршуваат 291 лице, односно вкупниот капацитет на затворите за оваа мерка е 396 места.

– Во тек се измени и дополнувања на подзаконски акти кој ќе ни овозможат дистрибуција на осудените лица во другите установи за да немаме натрупаност во некои КПУ, изјави Стојановиќ.

Донесувањето на Законот за амнестија во 2018 година значително го намали бројот на затвореници и придонесе за намалување на пренатрупаноста на Казнено Поправните Установи во земјава. Меѓутоа во последниот извештај на Хелсиншкиот комитет за состојбите во затворите се наведуваа дека треба да се има предвид дека Законот за амнестија е ад хок решение на системски проблем кој мора да се адресира преку конечно профункционирање на пробацијата. Една од причините кој ја наведуваат граѓанските организации за големиот број на затвореници во Северна Македонија, е недоволниот број на изрекување на алтернативни мерки од страна на судовите.

Оваа мислење го дели и Емилија Василевска, од Секторот за пробација при Управата, која за МИА, изјави дека недовербата на судиите во изрекување на овие мерки до скоро лежеше во тоа дека до 2015 година извршувањето на пробацијата (процедура за извршување на алтернативни мерки) беше во надлежност на Центрите за социјална работа, кој што се социјален орган.

– Законот за пробација беше донесен во 2015. Првата канцеларија за пробација е воспоставена во Скопје, во 2017 година. Потоа во 2018 се воспоставија и уште осум други канцеларии, кој што сега се функционални. Од кога е воспоставена Пробациската служба, за минатата година има 166 предмети. Имајќи предвид дека е нова служба бројот не е мал. Најмногу предмети има во канцеларијата во Скопје. Мислам дека оваа службата се развива многу солидно и со самото тоа се јакне довербата кај сите вклучени институции, пред се кај судовите и обвинителствата кој ги изрекуваат, предлагаат. Суштината на пробациска служба е да го спроведува надзорот. При оваа спроведување ние соработуваме со низа  соработници, рече Василевска.

Таа додава дека во изминатата година имале еден случај каде е изрекувана алтернативна мерка „општокорисна работа”. Според Василевска, повеќето алтернативни мерки се „условна осуда со заштитен надзор”. Но има и изрекување мерка „надзор на условно отпуштени лица”.

Проблемите во јавното здравство се рефлектираат и во КПУ

Недостигот на медицински персонал кој е секојдневен во јавното здравство, се изразуваа и во здравствениот систем на КПУ, кој заклучно со јануари 2019 година е во надлежност на Министерството за здравство.

Меѓутоа директорот Стојановиќ, истакнува дека со помош на Владата, Управата има обезбедено средства за осигурување за секое осудено лице, пакети кој почнале да ги плаќаат минатата година

 

– Евидентно е дека во некои КПУ, како што е во КПУ Идризово, проблемот со здравството е исто како и во јавното здравство, односно недоволниот број на медицински персонал. Воглавно ова е проблемот. Меѓутоа ние преземаме низа активности. Скоро имавме состанок со министер за здравство и со директорот на ЈЗУ од Скопје и од Штип, каде се најголемите затвори. Во оваа насока се движиме во подобрување, министерот не извести дека во новите закони има стимулации за тие што ќе работат во КПУ, со зголемување на личниот доход за 30 проценти и други можности. Значи проблемите што ги има јавното здравство, ги има и здравствениот систем во склоп на затворите, изјави Стојановиќ.

Инаку, изминатата година се регистрирани неколку смрти случаи во затворите, најмногу во КПУ Идризово и КПУ Штип.

Омер Џафери за МИА