Албанскот претседател Илир Мета денеска ги прими акредитивните писма од американската амбасадорка Јури Ким.

Тој веста ја објави на Фејсбук, наведувајќи уште еднаш дека САД остануваат незаменлив стратешки партнер за Албанија.

– Задоволство ми е да ги примам акредитивните писма од новата американска амбасадорка, г-ѓа Јури Ким. САД се незаменлив стратешки партнер за Албанија. Заедно можеме успешно да одговориме на предизвиците со кои се соочува земјата. Бог да го благослови албанско-американското пријателство, напиша Мета.

Новата американска амбасадорка пристигна во Тирана на 22 јануари, тринаесет дена откако положи заклетва во американскиот Стејт департмент. Следниот ден, преку објавува на Фејсбук, таа изрази посветеност да го искористи максимумот од оваа мисија.

– Чест ми е и задоволна што сум во Албанија и подготвена сум да почнам со мојата работа, напиша амбасадорката.

Американската амбасада во Тирана од август 2018 година беше без амбасадор, откако си замина амбасадор Доналд Лу.

Амбасадорката Ким е роденаво Кореја, а израснала на островот Гуам, територија на САД во Тихиот Океан. Член е во високата служба за наворешна политика, а работела во Стејт департментот и како директор на Канцеларијата за прашања за Јужна Европа. Претходно била директор во Стејт департментот за студии за дипломатија, шеф на кабинетот на заменик државниот секретар и директор на Канцеларијата за европска безбедност и политичко-воени работи.

Таа исто така била специјален асистент на помошникот државен секретар за Источна Азија и Пацификот и член на делегацијата на САД во шестпартиските разговори за ставање крај на нуклеарната програма на Северна Кореја.

Била политички советник во американската амбасада во Багдад и Анкара. Зборува кинески, јапонски, корејски и турски.