Вкупно 403 граѓани на Косово заминале во воените зони кои беа под контрола на терористичката Исламска држава (ИД) во Сирија и Ирак во периодот од 2012 до 2018 година, тврди косовскиот Центар за безбедносни студии (КЦБС) во извештајот насловен „Анализа на одговорноста на Косово кон повратниците од воените зони во Сирија и Ирак“.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, на денешната трибина на која беше презентирана анализата, беше кажано дека од 2012-та досега, од воените зони се вратиле 242 Косовци, од кои 110, повеќето жени и деца, во април минатата година.
Според КЦБС, на Владата на Косово ѝ недостасуваат кохерентни политики и има сериозни пропусти во координирањето и вклучувањето на граѓанското општество во процесот на реинтефграција на повратниците.
– Неопходно е да се воспостави кохерентен и организиран пристап за поддршка на нивната рехабилитација и реинтеграција, се вели во извештајот.