Sвездата на Барселона, Лионел Меси нема намера да го напушти клубот и ќе остане на „Камп Ноу“ до крајот на неговиот актуелен договор со Каталонците до летото 2021 година.
Во последните денови се шпекулира дека Меси може да ја напушти Барса, откако имал отворен конфликт со спортскиот директор на клубот, Ерик Абидал.
Медиумите во Шпанија и Велика Британија тврдат дека е можно 32-годишниот Аргентинец повторно да се соедини со Пеп Гвардиола во Манчестер Сити, додека печатот во Италија тврди дека Јувентус би можел да го собере Меси со неговиот голем ривал Кристијано Роналдо, но тоа нема да се случи.
Иако е незадоволен од критиките на Абидал кон играчите на тимот, Меси сака да продолжи да игра за Барселона и дури е отворен за преговори за продолжување на неговиот сегашен договор, иако тој претпочита да не се обврзува со тимот на долг рок, пренесува „Скај Спортс“.
Иако страстите околу конфликтот меѓу Меси и Абидал се смирија, сè уште е нејасно дали Французинот ќе ја задржи директорската позиција во клубот и по крајот на сезоната. Претседателот на Барса, Пеп, Марија Бартомеу, како и навивачите на тимот, не се задоволни од трансферите што ги прави Абидал, со тоа што Каталонците продолжуваат да имаат сериозни празнини во составот и покрај сериозните инвестиции во последните две години.
Сепак, се очекува Абидал да добие последна шанса ова лето, а неговите постапки на пазарот на трансфери да одлучат за неговата позиција.