Ако го погледнете ноќното небо овие денови, ќе можете да забележите една непријатна промена: нешто упадливо недостасува во соѕвездието Орион, пишува Нешнл џиографик.
Имено, ѕвездата Бетелгез, лесно видлива со голо око како една од најсветлите на северното небо, сега го губи сјајот, па е потешко забележлива.
Оваа црвенкаста ѕвезда до неодамна беше единаесеттата според сјајот на ноќното небо, а потоа во октомври минатата година се појави вест дека Бетелгез, чиј сјај се менува повремено, неочекувано станала студена и бледа. Сега ѕвездата избледе толку многу што веќе не е во првите 20 ѕвезди по сјај, а магнитудата се смени од 0,5 (што е голем сјај) на повеќе од 1,5 (што е помал сјај). Кон крајот на минатиот месец, астрономите на Универзитетот во Виланова во САД го забележаа најнискиот сјај на оваа ѕвезда откако беше измерена и проучувана, со магнитуда од дури 1,6. Зошто се случува ова?
Бетелгез е огромна ѕвезда, околу 1.000 пати поголема од Сонцето. Да беше во нашиот систем, ќе се протегаше од Сонцето до Јупитер, зафаќајќи го и просторот каде што сега кружат Меркур, Венера, Земја, Марс. Како што наведе НАСА во својот каталог, Бетелгез е релативно млада ѕвезда – која, на пример, не постоела во времето на диносаурусите на Земјата и била создадена пред само 10 милиони години.
Астрономите проценуваат дека во текот на следните 100.000 години, овој црвен џин ќе ја заврши својата еволуција со огромна експлозија – супернова, спектакуларен настан што ќе биде јасно видлив на Земјата. Со оглед на ненадејниот пад на сјајот, се појави идејата, пренесена од страна на медиумите и разни портали во последните неколку недели, дека Бетелгез е мртов, а супернова само што не се случила. Но, произлегува дека никој не може тоа и да го тврди.
Бетелгез е оддалечен 700 светлосни години од Сонцето. Со оглед на тоа што светлината патува толку долго, ако видиме супернова деновиве на небото, тоа ќе биде слика на настан што се случил кога завршија крстоносните војни со Арапите, а во Фиренца бил основан Универзитетот.
Бетелгез се наоѓа во coѕвездието Орион, каде што е втора според сјајот, сместен на крак што наликува на рака на ловецот. Затоа нејзиното име на различни јазици значи – рака. Општоприфатениот назив денес, името Бетелгез всушност потекнува од Арапите и на арапски буквално значи „раката на Орион“. Меѓутоа, некое време се сметаше дека значењето на името е „куќа на Орион“, но ориенталистот Пол Куниш открил дека првата буква од фразата била погрешно употребена за време на ренесансата и оти терминот навистина се однесува на рака.
Можеби не сте знаеле, но повеќето имиња на ѕвездите на небото потекнуваат од арапскиот јазик, од Алдебаран и Алтаир до Ригел и Вега. Ова општоприфатено наследство сведочи за големината и влијанието на арапската астрономија пред еден милениум, чие знаење за небесните тела, заедно со математиката и другите вештини, по крстоносните војни и со ренесансата, постепено се пренесуваше во Европа.
Судејќи според Стелариум, Бетелегез може да се види со првиот мрак во овој период од годината, најдобро по 19 часот – и ќе ја најдете на југоисток, високо над светлиот Сириус, во соѕвездието Орион – на спротивниот крак од сјајната ѕвезда Ригел. Со одминување на ноќта, Бетелгез полека ќе се движи кон југ и запад. Бледата, црвенкаста ѕвезда претходната година оставаше подобар впечаток, но набљудувањето станува важно ако се покаже дека е последно.