Постдипломците на Универзитетот „Хокаидо“ од Јапонија, Нацуко Томатани, Коџи Вада и Ли Зихен, се гости на Еуроколеџот за бизнис-менаџмент од Куманово во рамките на проектот поддржан од програмата за студиски посети „Еразмус +“.
Посетата на Македонија на Нацуко, Коџи и Ли, кои доаѓаат од универзитет што е рангиран меѓу стоте најдобри во светот, им е и прва средба со Европа.
Дваесет и четиригодишната Нацуко како сфера на интерес ги има проблемот со бегалците и политиките на социјална заштита во Македонија, со акцент на етничкиот соживот на повеќе различни етнички и религиозни групи како модел што постои и успешно функционира во земјава. Таа е особено заинтересирана ваквите сознанија и искуства да ги примени за унапредување на статусот на малцинството Аину што живее во Хокаидо, а кое, вели, се соочува со дискриминација, особено при вработувањето и во образованието.
– Ова малцинство чини многу мал процент 1-2 отсто од популацијата во Хокаидо. Но, компаниите обично не сакаат да ги вработуваат припадниците на овој етникум, вели Нацуко.
Цел ѝ е по завршување на постдипломските студии да се вработи во државната администрација, поточно во Министерството за труд и социјална политика.
Коџи има 22 години и доаѓа од Токио, a студира во Хокаидо. Дипломирал право, но посебен интерес му се локалната самоуправа и земјоделството и индустриската преработка на земјоделски производи. Земјоделството е, вели, водечка индустрија во Хокаидо. Сака да се запознае со праксата на индивидуалните земјоделци и преку интервјуа со фармери да дознае што повеќе за традициите во оваа област во земјава.
Воодушевен е од селата што имал можност да ги погледне на пропатувањето до Охрид, како, за него, многу невообичаен пејзаж. Во перспектива себеси се гледа како дел од Министерството за земјоделство.
На Ли (24), која доаѓа од Кина, во фокусот ѝ се прашања поврзани со јавно-приватни партнерства, инфраструктурни проекти и туристичката индустрија. Посакува да ги согледа потенцијалите за развој на туризмот и за привлекување што повеќе странски туристи, особено од Јапонија во Македонија и регионот.
Сите тројца се едногласни дека она што ќе го понесат како впечаток од Македонија се гостопримливоста и срдечноста во комуникацијата со жителите на земјава, но и вкусот на македонските вина.
Љубиша Петрушевски, декан на Еуроколеџот од Куманово, појаснува дека Нацуко Томатани, Коџи Вада и Ли Зихен се трета по ред група постдипломци од светски угледниот Универзитет „Хокаидо“ како резултат на соработката воспоставена уште во 2014 година. Првично започнале соработка со женскиот колеџ „Гачуин“, а потоа следува соработката со Универзитетот „Хокаидо“. Во воспоставувањето на контактите имале голема помош од Јапонската амбасада. Денес соработката со колегите од „Хокаидо“ се одвива на повеќе нивоа, гостувања на јапонски предавачи овде и на професори од Еуроколеџот во Куманово, а во план е и размена на академски персонал и на студенти.
– Ние имаме размена на студенти со универзитети во Европа преку „Еразмус +“. Преку оваа програма како институција може да соработуваме со институции и надвор од Европа за што ја искористивме платформата 107 на „Еразмус“. Имаме поголеми идеи за „Хокаидо“. Се надеваме дека преку „Еразмус“ со новата повелба, која започнува од 2020 година, ќе ја прошириме соработката и со други универзитети надвор од Европа на заеднички проекти. Со „Хокаидо“ сакаме да започнеме интеринституциски проект и за тоа ни се потребни фондовите на „Еразмус“. Ако тоа не успее, се најавува можна помош од Јапонската амбасада, вели Петрушевски.
Како колеџ се заинтересирани да стипендираат слични двонеделни посети на свои студенти во Хокаидо, каде што ќе можат да слушаат настава и да посетуваат разни компании за практична настава за да стекнат нови знаења и вештини, нешто што дел од студентите веќе го добиваат со студиските посети во соработка со институции во Шпанија, Италија, Малта, од скоро во Турција и во најава е Франција.
– Ако успееме уште да им дадеме и интернационално искуство од Азија, мислам дека на таков начин ќе имаат севкупен увид во тоа како функционира модерниот свет, бидејќи станува збор за идни менаџери, појаснува деканот Петрушевски.
Универзитетот во Хокаидо е основан во 1876 година како првиот современ академски институт во Јапонија. За време на својата долга историја, колеџот беше промовиран во Империјалски универзитет. Тој е денес државен универзитет со два кампуса во Сапоро и Хакодате. Има над 18.000 студенти. Системот на високо образование е сличен на Болоњскиот кредит трансфер-систем, кој се применува во Европа со изучување 3 + 2 години.
ПВПУ Еуроколеџ – Куманово потпиша Договор за соработка со Универзитетот „Хокаидо“ во 2014 година и оттогаш наваму секоја година во периодот февруари – март Универзитетот „Хокаидо“ испраќа свои студенти на 14-дневна посета на Македонија, за време на која посетуваат приватни и државни компании, министерства и општини, како и предавања во рамките на истражувачката работа и унапредување на знаењето на своите студенти и размена на искуства од областа на интерес.
Виолета Геров за МИА
Фото: Фросина Насковиќ