Турција бомбардираше позиции на режимот на Башар ал Асад како одговор на загинувањето на 33 турски војници во северозападниот дел на сириската провинција Идлиб, соопшти Кабинетот на турскиот претседател.
„Сите познати позиции на (сирискиот) режим се под оган од нашите копнени и воздушни сили“, рече портпаролот на турскиот претседател, Фахретин Алтун.
Турција одговори со бомбардирање по смртта на најмалку 33 нејзини војници во напади во провинцијата Идлиб, кои Анкара му ги припишува на сирискиот режим.
„Ќе им се одмаздиме за нашите храбри војници“, рече Алтун.
Тој ја повика меѓународната заедница, вклучително и Русија и Иран, сојузници на Дамаск, да „покажат одговорност“ и „да запрат злосторства против човештвото извршени од режимот“.