По денешната средба со антикорупционерите, Фросина Ременски, на прашањето околу информациите дека нејзиниот сопруг Јовче Ременски вчера требало да сведочи во случајот Рекет, изјави дека станува збор за интересен момент.

-Вчера во текот на следењето на медиумското информирање за рочиштето за Рекет видов хиперпродукција на информации, некои тековно беа менувани и корегирани, со многу невистини и шпекулации. Дури и според некои написи и јас требаше да се појавам на рочиштето во Кривичниот суд. Јас кажав дека не е проверена и не е точна информација дека мојот сопруг ќе биде сведок во Рекет, бидејќи и согласно Законот јасно се прецизира кој може да биде сведок, а тоа е лице кое на директен или индиректен начин може да посведочи за елементи од кривично правен настан. И јас и моето семејство немаме никаква директна поврзаност со семејството Камчеви и со случајот Рекет, за да би можеле да бидеме сведоци во еден ваков случај. Но индикативен беше начинот како медиумите го пренесоа тоа ‚сопругот на Фросина Ременски обвинета во случајот Меѓународен сојуз’, а изостана, да кажеме интересот, или можеби, следењето на истата логика да се каже дека јатрвата на Радмила Шекеринска вчера сведочеше во Рекет 1, така што тука го гледам навивачкото медиумско експлоатирање на информациите или медиумска некоректност, бидејќи, ако веќе се ставаат епитети, коректно е барем да се ставаат до крај – рече Ременски.

Таа тврди и дека поранешниот директор на УБК Горан Николовски уште во ноември 2018 година знаел дека се случувал рекет на бизнисмени за што биле известени лично од семејството Камчеви, но до мај 2019 година не презел ништо.

Според неа, тоа е класично прикривање на кривично дело и дека се сомнева дека тогашниот премиер Зоран Заев и државниот врв знаеле за тоа.

Од СДСМ велат дека случајот „Рекет“ е во рацете на надлежните и очекува дека секој што го прекршил законот ќе одговара.

„Веќе неколкупати посочивме, а јавноста имаше и прилика директно да се увери, дека претседателот Зоран Заев го пријавил случајот со што директно овозможил институционално расветлување. „Можеш да ме величаш колку сакаш, ако си се огрешил пред законот ќе одговараш“ е веќе препознаен став во јавноста кој кажува за одговорно однесување на премиер и на извршна власт во држава која работи на обезбедување на владеење на правото.“ – велат од СДСМ.

Инаку, таа денеска беше на работна средба со членовите на Антикорупциската комисија, за да како што изјави, се информира до каде е постапувањето по пријавите која таа ги поднела.

Првата пријава се однесува на овозможување на пензија на поранешниот заменик директор на БЈБ, Сиљан Аврамовски за кој Ременски тврди дека тоа било направено незаконски. Втората се однесува на аферата „АФИС“ а поврзана со набавка на опрема за потребите на лабараториите во МВР за што Ременски поднела кривична пријава уште во 2013 година. И третата пријава се однесува на имотот на кој што живее поранешниот директор на УБК, Горан Николовски. За овој случај Ременски кажа дека Антикорупциска веќе констатирала дека директорот живее на имот на адвокатот на семејството Камчеви и дека останува да се доистражи можна корупција дали Николовски од позиција на директор влијаел врз случајот „Рекет”.