За 11 отсто била подобрена наплатата на ДДВ во првото полугодие од спроведувањето на МојДДВ.

Министерката за финансии Нина Ангеловска, вели дека подобрувањето на наплатата на ДДВ е показател дека мерката дава резултати во сузбивањето на сивата економија, а 260.000 граѓани-контролори за истото добиваат награда преку поврат на ДДВ, но и преку наградната игра МојДДВ #МојаНаграда.

Cost benefit анализата покажува дека МојДДВ е успешна мерка која дава резултати. МојДДВ е мерка за стимулирање на наплата на приходите, како резултат на данокот на додадена вредност, и меѓу другото да ги награди граѓаните со поврат додека се контролори и ги бараат фискалните сметки. Ако ги земете шесте месеци од јули до крајот на годината од воведување на мерката, седум милиони евра биле вратени назад кај граѓаните. Околу 260.000 граѓани скенираат сметки, тоа се 260 илјади контролори на кои сме им вратиле средства. Наплатата на ДДВ е зголемена за 11 отсто во шесте месеци откако е воведена мерката во споредба со лани периодот. Cost benefit анализата покажува дека ако би бил нормален раст од шест отсто без мерката – што не е толку, бидејќи просекот е 3,5 отсто на раст на ДДВ во последните 10 години, со мерката се доплнителни 23 милиони евра приходи прибрани како резултат на МојДДВ. Значи со седум милиони евра, сме имале ефект од 23 милиони евра, вели Ангеловска гостување во емисијата „ТопТема“.

Ангеловска посочи дека преку гемификацијата, во извештаите на Европската комисија е цитирана како една од најдобрите мерки за справување со сивата економија. Граѓаните кои скенираат сметки имаат трикратна корист – помагаат во сузбивање на сивата економија, што ќе придонесе во иднина да добиваат подобри јавни услуги, добиваат поврат на ДДВ и добиваат можснот за награда преку наградата игра МојДДВ #МојаНаграда.

Како што соопштуваат од Министерството за финансии вчера се извлечени и 15-те најсреќни добитници на награда од по 100 илјади денари, а кои скенирале сметки во текот на февруари.

Љупчо Николовски, Живко Поповиќ, Тони Ристовски, Иван Митевски, Јово Костовски, Зоран Тушевски, Дејан Мијајловиќ, Мартина Анчевска, Наташа Станојковска, Имран Широки, Зорица Кочоски, Небојша Арсиќ, Ласте Петрински, Мица Пачковска и Елизабета Јовева се граѓаните кои беа извлечени во третото коло кое се емитуваше на Канал 5 ТВ вчеравечер.

Добитниците се од Скопје, Прилеп, Штип, Тетово и Куманово.