Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача сточарите и останатите земјоделци при аплицирање за субвенции да го пријавуваат реалното производство. Не може, како што рече, да се наведе дека една крава дала сто пати повеќе млеко од најдоброто грло во светот или дека на еден хектар површина се произведени 35 тони тунун.
Мицкоски е дециден дека субвенциите за сточарите се обезбедени и дека исплатата ќе почне веднаш штом ребалансот на Буџетот ќе биде објавен во Службен весник.
-Ребалансот е донесен, се објавува во Службен весник и потоа веднаш ќе биде исплатата зашто средствата се обезбедени. Драго ми е што од оние предизвици што ги имаат сточарите како цената и вишоците, веќе ги немаат. Успеавме со интензивна акција тоа да го надминеме. И ние имаме предизвици, пријавени се грла добиток кои сто пати повеќе произведуваат млеко, значи ќе треба и дисципината да ја подобриме зашто субвенциите се народни пари и ако така се однесуваме, ќе немаме уште долго. Ќе мора да сме чесни и да пријавуваме тоа што произведуваме, не може едно грло да произведува сто пати повеќе од најуспешното грло во светот. Ќе има контрола и контролата е веќе почната, не само на овој тип производи, кај сточарите, туку и кај останатите земјоделци и останатите земјоделски култури. Мора да се грижиме за државата, да има ред и дисциплина. Ако не се гржиме ние, не може да очекуваме некој од надвор да се грижи за нас. Значи, не може да пријавуваме на еден хектар дека се произведени 30 или 35 тона тутун, може два, 2,5 па и три тона, ама не може 35 тони на хектар. Има многу работи кои мора сите заеднички да ги совладаме како предизвици, подвлече премиерот по посетата на клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола.




