Од 24 анализирани сомнителни случаи, 21 се позитивни на новиот коронавирус во Грција и станува збор за лица кои паутвале во Израел и Египет, заедно со 67-годишниот маж, за кој вчера имаше потврда дека е заразен со коронавирусот, со што бројот на потврдени случаи кај јужниот сосед се искачи на 31, јави дописничката на МИА од Атина.

-Станува збор за затворен контакт, биле заедно во автобус повеќе денови, и 21 од 24 се позитивни, но се во добра здравствена сосотојба, рече претставникот на Министерството за здравство на Грција, задолжен за новиот коронавирус и научен соработник во Националната организација за јавно здравје, професорот Сотирис Циодрас на денешната прес-конференција.

Објасни дека од 21 случај, девет лица се хоспитализирани, а останатите 12 се во домашна изолација. Од хоспитализираните, тројца се со поизразени симптоми, еден од нив со посериозни, а другите шест имаат благи симптоми и се под лекарски надзор.

Новите зарзени со коронавирусот биле дел од група од 54 лица кои заминале во Израел и Египет на поклоничко патување во Светата земја и планината Синај.

– Оваа група се врати од Израел на 27 февруари 2020, кога Израел не беше во дефинираните случаи во Европа. Ова ја покажува динамиката на вирусот дека ги преминува границите, рече професорот Циодрас, објаснувајќи дека во тој период Израел беше земја со мал број случаи, каде што немало пренесување на вирусот во општеството.

Првиот случај од конкретната група беше потврден вчера, а луѓето кои биле на патувањето се жители на три различни региони во Грција, каде што од денеска, па во следните 48 часа, во сила се вонредни превентивни мерки, за кои Циодрас рече дека имаат за цел да го забават брзото ширење на вирусот врз локалното население.

Паралелно, објасни дека во тек е проверката на контактите на конкретните потврдени случаи, веќе се проверени над 400 лица и продолжува.

Во исто време, се очекуваат резултатите анализата на примерок од студент кој е хоспитализиран на Крит со симптоми на коронавирусот, а од превентивни причини, до сабота е затворен факултетот каде што студира.

Вкупно 11 лица, од кои осум доктори и три медицински сестри од болницата во Патра, се во домашна изолација бидејќи биле во контакт без заштита со 67-годишниот маж за кој вчера имаше потврда дека е заразен со коронавирусот.

На денешната прес-конференција во Министерството за здравство, професорот Циодрас неколку пати повтори и повика да не се шири паника. Објасни дека доколку уште кај некој од патниците од истата група се појават лесни симптоми, тогаш тие лица ќе бидат под лекарски надзор, но во домашна изолација.

Истакна дека вирусот се пренесува и од луѓе кои имаат лесни симпоми и оцени дека во следниот период ќе се зголеми бројот на позитивни случаи.

– Во следните седмици очекуваме значајно зголемување на случаите како во нашата земја така и во целиот свет, рече Циодрас на денешната прес-конференција во Министерството за здравство на Грција, пренесе МИА.