Македонците треба да имаат јасна претстава за тоа што ќе се случи ако договорот од Преспа не биде одобрен од Грција и која е алтернативата во тој случај, особено ако нема напредок кон целосна интеграција во ЕУ, се вели во коментарите на „Македонија 2025“, која е невладина и непрофитна тинк-тенк организација.

– Нашата цел е да го поттикнуваме, промовираме и зголемуваме економскиот просперитет за сите граѓани кои живеат во Република Македонија, но и да изградиме посилна нација. Како неполитичка и независна организација, од многу страни беше побарано од нас да го искажеме нашето мислење за Преспанскиот договор. Затоа, би сакале отворено да ги изнесеме нашите ставови по ова прашање, велат од „Македонија 2025“.
Натаму во анализата на оваа тинк-тенк организација велат дека тие се согласуваат дека треба да постои некаков договор кој понатаму ќе ги нормализира политичките и економските односи меѓу двете земји.

Економски импликации од договорот

За економските импликации на договорот од „Македонија 2025“ коментираат:
– Иако интеграцијата во ЕУ ќе донесе дополнителни економски бенефиции за земјата, Македонија веќе има придобивки од близината со пазарите на ЕУ, од странските директни инвестиции како и од повластените трговски односи утврдени во Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и ЕУ.
Според договорот од Македонија се бара да ги усвои сите промени и само тогаш Грција ќе одлучи дали ќе го ратификува договорот или не. Ние веруваме дека ова може да создаде негативни последици. Македонците треба да имаат јасна претстава за тоа што ќе се случи ако договорот не биде одобрен од Грција и која е алтернативата во тој случај, особено ако нема напредок кон целосна интеграција во ЕУ. Засега, ЕУ ја одложи одлуката до 2019 година, многу подоцна од планираниот датум за референдум. Од друга страна пак, како позитивен развој на целата ситуација е неодамнешната покана на НАТО за членство во Алијансата, но крајното членство на Македонија е јасно условено од тоа прво да се исполнат сите услови од договорот, забалежуваат од „Македонија 2025“.

Грција да се извини за протераните Македонци

Исто така, свој коментар имаат и за човековите права и наследството.
– Секој граѓанин има право на самоопределување на сопствениот идентитет кој се базира на неговите лични чувства и / или на историска или национална приврзаност и никој не може да му го одземе тоа право. Македонците кои постојат во регионот, вклучувајќи ги Македонците во Република Македонија, Грција, Бугарија и Албанија имаат исто потекло. Имајќи го тоа на ум и земајќи ги предвид овие најнови позитивни случувања меѓу Македонија и Грција, сега е време да се сврти нова страница и да се надмине минатото. За да се постигне тоа, Грција треба да го признае македонското малцинство во Грција како во историјата така и во сегашноста. Потребно е формално извинување од страна на Грција за начинот на однесување кон ова малцинство во минатото, без да се очекуваат финансиски надоместоци од земјата, сметаат од „Македонија 2025“.

Од оваа тинк-тенк група додаваат дека, покрај тоа, треба да биде побарано од Грција да дозволи враќање на „Децата бегалци“, деца кои биле протерани од регионот пред повеќе од 50 години.

– Многу етнички Македонци имаат имот или актива во Егејска Македонија. Поради тоа, многу е важно на Македонците да им се дозволи да имаат слободен пристап до својот имот и тој да биде во нивна сопственост бидејќи на тој начин се почитува меѓународниот закон за заштита на правата, земјиштето и бизнисот. Исто така, треба да биде дозволено основање на македонски училишта и цркви во Грција. Сите овие дела треба да помогнат во процесот на лекување на минатото како и општото помирување меѓу земјите, се вели во коментарот на „Македонија 2025“ за договорот.

План да не се оствари ЕУ-интеграција

 

Тие посочуваат и на взаемно разбирање:
– Веруваме дека за промена на логоа, имиња на брендови итн. треба да одлучуваат само луѓето кои ги поседуваат, и во договорот не треба да се бара нивно менување. Во принцип, ние не ја гледаме потребата од постоењето на заедничка комисија која ќе ја разгледува историјата, археологијата и образованието, вклучувајќи ги и учебниците и мапите, унилатерално насочена кон Македонија. Ова е излишно и непотребно мешање во културните и образовните аспекти на странски ентитет во домашните работи на соседна земја и сметаме дека тоа создава многу негативен историски преседан на светско ниво, сметаат од „Македонија 2025“.
Тие сугерираат дека „треба да се осигуриме дека современата македонска култура и традиции можат да напредуваат и да се развиваат, истовремено промовирајќи слична позадина, култура, традиција, наследство и економска размена меѓу луѓето од двете земји“.

– Грција треба да ја признае нашата историја во регионот и како и останатите соседни држави и ние треба да сме слободни да ги користиме нашите сегашни географски референци (на пример: Грција продолжува да ја нарекува Битола-Монестири и Истанбул – Константинопол). Нашата мисија како организација е да ја промовираме демократијата, владеењето на правото и транспарентноста во насока на економскиот просперитет на Македонија. Сметаме дека граѓаните треба да имаат сеопфатно разбирање во однос на тоа што содржи договорот за да може да донесат правилна одлука. Иако ја поддржуваме интеграцијата на земјата во ЕУ и во НАТО, во исто време, гледаме можности за Македонија да биде успешна и без да се случи тоа. Пристапувањето кон ЕУ може да биде корисно, но ние мора да имаме план и во случај да не се оствари интеграцијата. Затоа, мора да се фокусираме на она што го движи економскиот просперитет. Земјата треба да се развива долгорочна стратегија за раст, заклучуваат од „Македонија 2025“.

Тие како завршна мисла, како што е нагласено, „со оглед на важноста на договорот по ова прашање и сериозните последици кои произлегуваат од него, сметаме дека е потребен национален консензус и единство меѓу партиите, Претседателот и луѓето кои живеат во Македонија и се нарекуваат Македонци“.