На маргините на Состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес, што се одржува денеска во Скопје, МНР Димитров имаше билатерална средба со Венди Мортон, државна министерка за европско соседство и Америки на Велика Британија.

Како што соопшти МНР, на средбата беше направен пресек на билатералните односи меѓу двете земји по излезот на Велика Британија од ЕУ. Се констатираше дека Брегзит нема влијание врз економската соработка и трговијата меѓу двете земји, за која постои голем потенцијал за натамошно нејзино продлабочување. Беше потврдена силната подршка на Велика Британија на европската перспектива на земјата.

– Во големата слика нашата цел е да станеме вистинска европска демократија. Британската вибрантна демократија е цврст пример дека системот на силни институции, владеење на правото и стеги и кочници се критични на тој пат. С. Македонија претендира да и’ биде вреден сојузник на Велика Британија и во НАТО, одработувајќи го својот дел за доброто на земјата, регионот и Алијансата, рече Димитров на средбата.

На средбата се разговараше и за силната поддршка на Велика Британија на копретседавањето на  Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес, особено во иницијативите на овој процес кои ги опфаќаат областите на безбедност, борба против тероризам и  антикорупциски политики.

– Велика Британија има долгорочна заложба за градење стабилен, безбеден и просперитетен Западен Балкан. Ќе продолжиме да ја поддржуваме РС Македонија во нејзините евроатлантски интеграции и да бидеме инволвирани во градењето на стабилно, просперитетно и инклузивно општество, рече државната министерка Мортон.

Димитров попладнево ќе биде ко-домаќин на денешниот Состанок на министри за надворешни работи, со кој што се означува почетокот на заедничкото претседателство со Берлинскиот процес на Македонија и Бугарија за 2020 година, по што следи заедничка прес-конференција.