По регистрираните седум позитивни лица на коронавирусот во државава превентивно од денеска се затворени градинките, училиштата, факултетите, студентските домови, забранети се масовни јавни настани, организирани патувања во високоризичните држави.

Во текот на вчерашниот дена не беа регистрирани нови случаи. Негативни беа тестовите на 16 годишната пациентка која имала краток преглед кај директорката на Клиниката за кожни болести Нина Цаца Билјановска кај која завчера беше потврдено дека е заразена од коронавирус, како и на уште двајца други пациенти.

Решението за разрешување на Билјановска треба да биде изготвено денеска,  а поради нејзиниот неоговорен однос затоа што не се пријавила кај епидемилозите по престојот во Италија, доаѓала на работа и одржала предавање што стави во изолација голем број лица. Ученици од три основни училишта во општина Карпош се во самоизолација бидејќи дел од родителите работат на Клиниката за дерматологија, а дел биле на симпозиумот што се одржал во саботата, а на кое присуствувала заразената директорка од Клиниката. Поради присуство на симпозиумот во изолација се и четворица здравствени работници од Кожното одделение во Клиничката болница во Штип. Прегледите и хоспитализацијата на Кожното одделение во Штип се стопирани, а таква мерка е во сила од вчера и на Клиниката за кожни болести.

Засилените мерки уследија по првиот случај на локална трансмисија откако тројцата луѓе кои биле во контакт со хоспитализираните сопружници со овој вирус од Дебар беа позитивни на тестирањето.

Поради состојбата со коронавирусот в четврток ќе се одржи и лидерска средба со оглед на тоа што на 23 месецов треба да стартува изборната кампања за предвремените парламентарни избори закажани за 12 следниот месец.

Од Владата вчера порачаа дека неодговорноста е најопасна за ширење на корона вирусот, справувањето со овој проблем не треба да се сведе на хајка против оние кои се заболени или се во изолација, ниту пак некој треба да профитира политички на сметка на здравјето на граѓаните. Ако дојде до зголемување на бројот на случаи ќе се преземат и други дополнителни мерки како што е прогласување кризна состојба, но засега нема потреба од тоа.

Владиниот кабинет тврди дека има доволен број тестови односно од 1.000 што се на располагање, а потрошени се 40, како и дека засега нема да се воведат посебни економски мерки, но владините економски ресори се во постојана комуникација со стопанските комори и до крајот на неделата ќе имаат дополнителни проценки.

Во случај да дојде до продолжување на четиринаесетдневното затворање на воспитно образовните институции, од Владата велат дека школската година може да се организира со скратена наставна програма ако има потреба. Сега не се организира само наставата, а наставниот кадар ќе доаѓа на работа само доколу иманеодложни работи.  Со владините мерки се предвидува платено отсуство од работа за родителите со деца до 10 години во тек на прекинот на работата на градинките и училиштата. Тие отсуството ќе го оправдаат со потврда за детето од градинка или училиште, а којшто треба да ја достават пред пресметката на платата.

Забранети се и масовни собири и настани на отворен и затворен простор, како и сите културни настани и манифестации на територијата на државата, со над 1000 учесници, во наредните 14 дена. Владата препорачува неодржување на јавни настани на кои се очекува присуство до 1 000 учесници.

Физичките и правните лица кои нема да ги почитуваат или ќе ги прекршат препораките од Владата ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.

Претходно, Министерството за надворешни работи објави препорака до граѓаните да не патуваат во Италија поради состојбата со коронавирусот. Генералниот конзулат на Северна Макеоднија во Венеција, следејќи ја праксата на другите европски дипломатско конзуларни претставништва во истиот регион, како и заради понатамошна превенција од ширење на COVID-19, во следниов период нема да работи со странки, освен во итни и неодложни ситуации.

Откажана е и целокупната агенда на СДСМ и на лидерот на партијата Зоран Заев во наредните денови, со цел да се превенира ширење на коронавирусот, а ВМРО-ДПМНЕ засега не ги одложува партиските активности за денеска за промовирање на кандидатите за пратеници на конвенција, а на која, како што велат, ќе се испочитувал дозволениот број за учество на собири.

Претседателите на стопанските комори на Македонија, Албанија, Косово, БиХ, Црна Гора и Србија вчера порачаа дека ако не се справиме со коронавирусот, несогледливи ќе бидат последиците по бизнисот, а може да дојде и до парализа на целокупната економија.

– Коронавирусот не е само прашање на здравството, туку и на владеење на правото, на политиката, инфраструктурата, сообраќајот, легислативата, бирократизацијата, порачаа претседателите на стопанските комори на Македонија, Албанија, Косово, БиХ, Црна Гора и Србија, кои вчера на седница на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), истакнаа дека штетите се веќе евидентни. Ситуацијата постојано се следи. Особено загрижува проширувањето на вирусот во земјите – партнери со оглед дека околу 80 отсто од извозот оди во ЕУ.

Падот на економските активности во Европа се планирани на 3,4 отсто, а тоа, според бизнисот, ќе се одрази на сите национални економии.

– Економијата е подложна на удари од страна, од сите сегменти на општеството, Тоа е мерливо и се одразува директно врз платниот биланс на компаниите. Се ова што го работиме ќе биде помножено со нула ако не сме во состојба да ги регулираме и другите односи со кои се соочуваме секој ден: заштита на животната средина, инфраструктура, владеење на правото, рече претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Според претседателот на Стопанската комора на Црна Гора, Властимир Голубовиќ, откажани се влезовите на крузерите, но хотелските аранжмани за летово не се откажуваат.

– Ако не се справиме со коронавирусот, последиците ќе бидат несогледливи. Кај нас, за среќа, се уште е позитивно само едно лице, но економските штети веќе постојат. Откажани се влезовите на крузерите во нашите пристаништа. Годинава беа договорени влезови на 550 крузери со преку 700.000 патници. Во следниот месец нема да има влез на крузери, тоа се огромни економски штети. И влезот на други бродови е исто така рестриктивен. Се надеваме дека коронавирусот ќе го снема и дека во туристичката сезона ќе влеземе без таа опасност. Но, ако продолжи ваквата состојба, последиците не само во Црна Гора, туку секаде, и во регионот, и во Европа и воопшто, би биле несогледливи, рече Голубовиќ.

Согласно препораката на Владата за неодржување јавни масовни собири со цел превенција од појава и ширење на Ковид-19 (корона вирус), и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) соопшти дека ги откажува сите јавни настани предвидени за март.

Како што се посочува во соопштението, се откажува конференцијата Медиумите и изборите: регулатива и пракса, влијание на дезинформациите врз резулатите од избори, која што требаше да се одржи на 23 март. Воедно, се откажуваат и планираните работилници со радиодифузерите, вклучувајќи ја и онаа за медиумското известување за време на изборната кампања, но, Агенцијата, како и досега, ќе биде континуирано достапна за сите прашања, телефонски или преку електронска адреса (списокот на вработени заедно со нивните контакт податоци е објавен на веб страницата на Агенцијата https://avmu.mk/contakti/).

– Во различни фази од изборниот процес, ќе се објавуваат соопштенија со потсетувања за обврските на радиодифузерите. Сите материјали поврзани со предвремените парламентарни избори 2020 ќе се објавуваат на веб страницата www.avmu.mk во банерот Избори 2020, наведуваат од АВМУ.

Од Здружението на новинарите на Македонија повикаа медиумите да известуваат одговорно за Ковид 19 и да избегнуваат создавање неоправдана паника во јавноста. Како што наведуваат од ЗНМ, новинарите и медиумите имаат одговорност да се придржуваат до етичките правила при своето работење и да не придонесуваат во ширењето невистини и создавањето паника во јавноста. Тие имаат обврска да отстапат простор на експертите кои се квалификувани да коментираат за ваквите чувствителни прашања.

Премиерот Оливер Спасовски за в четврток во 13 часот закажа координација на претставници на политичките партии во врска со реализацијата на владините мерки за справување со корона вирусот.

На координацијата, како што потврдија од Владата, присуство потврдиле лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, БЕСА, ДПА, Алијанса и Алтернатива.