Министерството за здравство донесе наредба за спроведување задолжителна самоизолација за секој државјанин на Македонија кој влегува на гранични премини, а патува од високо и средно ризични земји утврдени со Листата на Светската здравствена организација (СЗО).
– Врз основа на законските одредби и задолженија за утврдување мерки за спречување на појава, внесување, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивањето на коронавирусот Ковид-19, а заради заштита на населението од истиот, се издава наредба за спроведување задолжителна самоизолација за секој државјанин на РС Македонија кој влегува во државата на граничните премини, а патува од високоризични или средноризични земји утврдени со Листата на СЗО на денот на кој патникот влегува во државата, стои во објавата на веб-страната на Министерството за здравство.
Наредбата за спроведување задолжителна самоизолација, како што наведуваат од Министерството, секој државјанин на Македонија ја потврдува со давање писмена изјава под полна морална, материјална и кривична одговорност која ја потпишува при влез на граничниот премин.
– Непочитувањето на оваа наредба и неспроведување на задолжителната самоизолација повлекува одговорност, се вели во објавата на Министерството.
На листата која Министерството за здравство денеска, заклучно со вчера ја објави на својата веб-страна, Кина, Италија, Иран, Јужна Кореа, Шпанија, Франција, Германија, САД, Швајцарија и Велика Британија се земји со високо ниво на ризик.
Средно ризични земји се Холандија, Шведска, Норвешка, Данска, Австрија, Јапонија, Белгија, Катар, Австралија, Канада, Малезија, Грција, Чешка, Сингапур, Бахреин, Финска, Израел, Словенија, Исланд, Ирска, Романија, Бразил, Индонезија, Кувајт, Португалија, Полска, Филипини, Индија, Саудиска Арабија,Египет, Ирак, Либан, Сан Марино, Обединети Арапски Емирати, Естонија, Тајланд, Чиле и Виетнам.
Македонија е меѓу земјите кои се со ниско ниво на ризик.