Претседателот на Фудбалската федерација на Италија, Габриеле Гравина истакна оти ќе побара ЕП 2020 да биде одложен поради појавата на коронавирусот и истовремено изрази надеж дека сезоната во Серија А ќе може да заврши.
„Ќе и предложиме на УЕФА да го одложи Европското првенство. Се надевам дека ќе успееме да дојдеме до крај на тековната сезона затоа што е поправедно и поправилно по многуте инвестиции и жртви на нашите клубови“, изјави Габриеле Гравина за телевизискиот канал „Спорт Медиасет“.
Елитниот фудбал низ цела Европа е во прекин како на пандемијата на коронавирусот, при што националните и континенталните клупски натпревари се суспендирани или одложени.
Претставници на европските клубови и лиги и фудбалерите ќе се приклучат на националните федерации на итен видео-конференциски повик што УЕФА ќе го организира утре. Дискусиите ќе се однесуваат за ЕП 2020 што ова лето (12 јуни – 12 јули) треба да се одржи во 12 европски земји, вклучително и Италија.
Гравина изрази оптимизам дека Серија А може да заврши до 30 јуни, иако не ја исклучи можноста да ја продолжи за уште еден месец и порача дека италијанските клубови засега не треба да тренираат.