Апел на доктор Калковалиев:
Пред да лекувате некого, прашајте го дали е подготвен да се откаже од нештата кои го направиле болен? – Хипократ
Односот лекар – пациент е основната и најсвета алка во функционирањето на еден здравствен систем. Нераскинливо поврзани и зависни едни од други. Врска проучувана уште во минатиот век.
Екстремно динамична и променлива во однос на околностите во кои се наоѓаме како цивилизација. Само со обостран напор и залагање можно е одржување на таа врска до ниво на совршенство и уметност, каква само природата и нејзините закони, а поврзани со наука можат да создадат.
Теоретски поделена во два дела, прв практичен дел на кажување на тегобите од страна на пациентот, и вршење преглед, употреба на дијагностички алатки и третман од страна на лекарот. И втор дел, со една експресивна компонента на меѓусебна интеракција исполнета со емпатија и почит.
„Ме боли коленото”, на пример, може да биде само еден обичен симптом, но и симптом зад кој се крие неможноста на пациентот да го напушти својот дом за да набави основни намирници. Неможност да го практикува секојдневното вежбање. Неможност да игра со своите внуци. Условно загубен трансфер во подобар клуб. Кај секој еден пациент, еден мал милион причини да побара помош.
Секој лекар, мора да му докаже на својот пациент дека е достоен на довербата која истиот му ја дава. Без исклучоци по никоја основа.
Од една страна, „Седете дома и самоизолирајте се” , може да биде обична реченица која не значи ништо, а со себе повлекува мал милион забелешки, потпрашања и негодување. Од друга страна, реченица во која се собрани години и години научна работа, безброј трудови напишани и прочитани. Изгубени човечки животи.
Млади и стари. И пациенти и лекари. Заедно сме во секоја приказна. Секоја судбина ни е заедничка. Да, со самоизолацијата дома се ускратуваат вашите лични слободи и права, но истовремено некој е изолиран во некоја лабораторија барајќи одговори на прашањата кои на сите ни се заеднички во овој момент од цивилизациското битисување.
Имаме привилегија како една генерација да имаме заедничка битка во која секој ден е подеднакво важен. Останете смирени и без паника.
Почитувајте ги доследно сите препораки кои се даваат и само заедно ќе излеземе како победници. Победници од битката за која ќе знаат и многу генерации после нас.
Почнав со Хипократ, со него и ќе завршам „Ars longa, vita brevis“ (Уметноста е долга, животот е краток).