Американското Министерство за одбрана ќе испрати 1.100 воени лекари во градот Њујорк кои ќе им помогнат на локалните здравствени власти во борбата против ширењето на новиот коронавирус, изјави денеска министерот за одбрана на САД, Марк Еспер.

– Повеќе пати разговарав со градоначалникот на Њујорк. Пентагон тесно соработува со локалните власти. Моментно во неколку градови во државата се испратени повеќе од илјада воени лекари и медицински сестри, повеќето во Њујорк, истакна Еспер.

Поголем број од лекарите ќе работат во центарот „Џејкоб Џевитс“, конференциски центар во Менхетн, кој е адаптиран во болница со капацитет од 2.500 кревети, нагласи американскиот министер за одбрана. Неколку стотини воени лекари ќе бидат испратени во 11 градски болници, каде недостасува медицински персонал.

Претседателот на САД, Доналд Трамп вчера на брифинг во Белата куќа најави дека планира да испрати дополнителни лекари во најпогодената сојузна држава од коронавирусот.

САД се наоѓаат на прво место во светот по бројот на заразени случаи со Ковид-19. Според институтот „Џон Хопкинс“, во земјата се регистрирани над 312.000 инфицирани случаи и 8.503 починати лица.