Владата на Македонија на денешната 37-ма седница го разгледа и усвои записникот од дваесет и првиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19, одржан на 7 април 2020 година.
Согласно информацијата на овој состанок Владата на својата седница го утврди текстот на договорот меѓу Македонија и Република Турција за донација на медицинска опрема и средства наменета за здравствениот сектор која се состои од 50.000 парчиња заштитни медицински маски, 1000 заштитни скафандери и 1000 дијагностички тестови.
На оваа седница Владата ја донесе Уредба со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба.
Со оваа уредба со законска сила се уредува ограничувањето на исплатата на додатоци и надоместоци на плата на вработените во органите на државната власт, единиците на локалната самоуправа, институциите кои вршат дејности од областа на образованието, културата, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот и во институциите кои вршат работи од јавен интерес утврден со закон, а се организирани како агенции, фондови, регулаторни тела со јавни овластувања утврдени со закон, јавни установи и јавните претпријатија основани од Македонија или од општините, од Градот Скопје и од општините во Градот Скопје и акционерските друштва во целосна сопственост на државата, за време на траење на вонредната состојба.
На вработените опфатени со оваа уредба со законска сила не им се исплатуваат додатоци и надоместоци на плата согласно закон и колективен договор, за време на траење на вонредната состојба.
Одредбите од оваа уредба со законска сила не се однесуваат на медицинскиот и помошно-технички персонал во јавните здравствени установи, припадниците на Министерството за внатрешни работи и Армијата на Македонија.
Владата на Македонија, на денешната седница донесе одлука за продолжување на законскиот рок за склучување на договори за производство и откуп на тутун за реколта 2020, кој го склучуваат производителите на тутун со регистрираните откупувачи на тутун.
Со оваа одлука, наместо до 31-ви март, рокот за склучување на договори се продолжува до 30-ти април. Ваквата одлука се донесе поради вонредната состојба на територијата на државата прогласена заради пандемијата од коронавирусот, поради што процесот на склучување на договори во месец март, не се одвиваше со иста динамика како во месец февруари 2020 година.
На оваа седница Владата ја донесе Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба согласно која вработените во јавниот сектор кои се работно ангажирани за времетраење на времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирус КОВИД – 19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година може да го искористат до 31 мај 2020 година, согласно потребите на работниот процес и врз основа на одобрение на раководното лице на институцијата.
Уредбата утврдува дека на вработените во јавниот сектор кои се ослободени од извршување на работа и работни задачи, согласно мерките за заштита од ширење и превенција од коронавирус КОВИД – 19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година им се смета за искористен.
По исклучок од оваа Уредба, за работниците во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана – Армијата на Македонија, јавните здравствени установи во Македонија, царинските службеници, единиците за противпожарна територијална заштита, во инспекциските служби, како и лицата што работат во старечките домови, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година и делот од годишниот одмор за 2020 година, кој мора да се искористи во траење од две непрекинати работни недели, да го искористат до 31 декември 2020 година, согласно потребите на работниот процес и врз основа на одобрение на раководното лице во Министерството.
Владата денеска донесе Уредба со законска сила за примена на одредбите од Законот за пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување за време на вонредна состојба со цел продолжување на роковите за поднесување на барање за остварување на правата кои произлегуваат од Законот за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување. Согласно оваа уредба, се продолжуваат роковите за постапување на Фондот на ПИОСМ при остварување на право на старосна пензија од вториот пензиски столб и роковите за издавање на потврда од Фондот на ПИОСМ дека членот на пензискиот фонд нема остварено право на пензија поради неисполнување на условите по однос на должината на пензискиот стаж и нејзино доставување до пензиските друштва, а се со цел олеснување на пристапот до остварување, односно користење на овие права, во услови на секојдневно заострување на мерките на Владата за спречување на ширењето на вирусот во државата (КОВИД-19), што го ограничува нормалното движење на граѓаните и функционирање на реалниот сектор.
Денеска е донесена и Уредба со законска сила за примена на одредбите од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување за време на вонредна состојба.
Донесувањето на оваа уредба е со цел продолжување на роковите за примената на одредбите од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, додека трае вонредната состојба. Имено, со оваа уредба се продолжуваат роковите во постапката во: постапка по барање за добивање на дозвола за основање на друштво и барање за одобрение за управување со задолжителен пензиски фонд и барање за запишување на задолжителен пензиски фонд во регистарот на задолжителни и доброволни пензиски фондови; постапка за запишување на агент во регистарот на агенти; постапка за полагање на испитот на агенти; поведување на управен спор против решение на Агенцијата со кое се одбива барањето за полагање на испит на агенти, доколку кандидатот не ги исполнува условите за полагање на испит; поведување на управен спор против решение на Агенцијата со кое се изрекува забрана за полагање на испит во траење од три години; поведување на управен спор против решение на Претседателот на Советот на Агенцијата со кое се продолжува полагањето на испитот за агенти; постапка за донесување на решение од страна на Советот на експерти на Агенцијата за одземање на уверението за положен испит на агент и за поведување на управен спор против ова решение, а со цел олеснување на пристапот до остварување, односно користење на овие права, во услови на секојдневно заострување на мерките на Владата за спречување на ширењето на вирусот во државата (КОВИД-19), што го ограничува нормалното движење на граѓаните и функционирање на реалниот сектор.
Владата денеска ја донесе и Уредбата со законска сила за примена на одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување за време на вонредна состојба за да се продолжат роковите за поднесување на барање за остварување на правата кои произлегуваат од областа на пензиското и инвалидското осигурување односно правото на утврдување на својство на осигуреник, право на старосна пензија, семејна пензија, правото на инвалидска пензија, правата согласно договорите за социјално осигурување, продолженото социјално осигурување, професионалната рехабилитација, правата кои се поврзани со непосреден лекарски преглед од страна на Комисијата за оцена на работна способност, Комисијата за ревизија на наод, оцена и мислење за утврдување на инвалидност, односно неспособност за работа и Комисијата за задолжителен контролен преглед, правото за сместување во домови и станови за корисници на пензија, роковите за внесување на податоците во матичната евиденција, роковите за користење и губење на правата а се со цел олеснување на пристапот до остварување, односно користење на овие права, во услови на секојдневно заострување на мерките на Владата за спречување на ширењето на вирусот во државата (КОВИД-19), што го ограничува нормалното движење на граѓаните и функционирање на реалниот сектор.
На оваа седница е донесена и Уредба со законска сила за примена на одредбите од Законот за вработување на инвалидни лица за време на вонредна состојба со цел продолжување на роковите за поднесување на барање за остварување на правата кои произлегуваат од областа на вработувањето на инвалидните лица односно се одлагаат роковите за правата чие остварување е поврзано со непосреден преглед на Комисијата за оцена на работна способност на Фондот, роковите за исполнување на условите за задржување на статусот на заштитно друштво доколку дојде до промена на условите, роковите за донесување на решение за доделување на средствата од Посебниот фонд како и роковите за враќање на средства по донесено решение за враќање со цел олеснување на пристапот до остварување, односно користење на овие права, во услови на секојдневно заострување на мерките на Владата за спречување на ширењето на вирусот во државата (КОВИД-19), што го ограничува нормалното движење на граѓаните и функционирање на реалниот сектор.
Владата на Македонија денеска донесе Уредба за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за локалната самоуправа, согласно која претседателот на советот општината може да свика и да раководи со седница на советот, и со употреба на комуникациски средства (телефон или конференциска врска со употреба на интернет комуникација и софтверски алатки).
Владата на Македонија ја разгледа и усвои информацијата за StopKorona! – мобилна апликација справување со КОВИД-19”, и го овласти министерот за здравство Венко Филипче да го потпише Договорот за донација помеѓу Друштво за информатичка технологија Некстсенс ДОО како Давател на донацијата и Министерството за здравство на Македонија како примател на донацијата.
Користењето на оваа мобилна апликација е на доброволна основа од страна на граѓаните на Македонија, а деталите за апликацијата ќе бидат презентирани на прес конференција од страна на министерот за здравство и министерот за информатичко општество и администрација.
На денешната седница е донесена и Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба, согласно која заради спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на коронавирусот КОВИД-19 и поефикасно утврдување дали одредено лице било, или се сомнева дека било во непосреден контакт со лице заболено или инфицирано со коронавирус КОВИД-19, како и за навремено информирање на одредено лице дека било во непосреден контакт со лице заболено или инфицирано со коронавирус КОВИД-19 и негов навремен медицински третман, Министерството за здравство како мерка може да примени и најнови технолошки достигнувања (интернет платформи, паметни апликации, електронски услуги и слично), при што во однос на обработката на личните податоци се применуваат прописите од областа на заштита на личните податоци, како и соодветни технички и организациски мерки за да се обезбеди ниво на безбедност на личните податоци соодветно на ризикот.
Владата ја разгледа информацијата и го усвои текстот на договорот за донација на картички за мобилен интернет на социјално загрозените семејства кои имаат деца-ученици во основно и средно училиште.
За таа цел Министерството за информатичко општество и администрација и Македонски телеком АД Скопје потпишаа договор за донација на картички за мобилен интернет, со кој договор ќе се обезбедат 18.400 картички за мобилен интернет со капацитет од 10 GB месечно наменет за овозможување на пристап до платформите за учење, согласно насоките и мерките утврдени на предлог на Министерството за образование и наука. Целта на оваа донација е обезбедување на технички средства за завршување на учебната година на сите ученици од основните и средните училишта, преку обезбедување на картички за мобилен интернет.
Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика да преземе активности за дистрибуција на примената донација до социјално загрозените семејства кои имаат деца-ученици во основно и средно училиште.
Сектор за односи со јавноста