Финансиската поддршка од 176 милиони евра што ја одобри денеска за нашата држава Меѓународниот монетарен фонд ММФ е со каматна стапка од 1,5 проценти и рок на отплата од пет години. Оодбрените средства  треба да помогнат за ублажување на негативните ефекти од здравствената криза со коронавирусот за нашата економија  и дополнителна поддршка  и на макроекономската стабилност.

Според министерката за финансии Нина Ангеловска, поддршката е двојно повеќе од сумата што ја очекувавме првично  и доаѓа во вистинско време, пред пикот на  здравствената криза која се очекува  некаде на крајот на месецов.

-Навистина добра вест бидејќи ова се поволни средства, со ниска каматна стапка од 1,5 проценти  и рок на отплата од пет години. Оваа финасиска поддршка од ММФ е преку Инструментот за брзо финансирање  кој обезбедува брза  и лесно пригодлива финансиска помош  за земјите членки на  ММФ  кои се соочуваат со итни потреби  на билансот на плаќање, истакна Ангеловска во видео изјава.

Со инструментот може да се обезбеди поддршка  за да се задоволи широк спектар на итни потреби  вклучително и оние што произлегуваат од шокови на цени на стоки,  природни непогоди,  конфликтни  и постконфликтни ситуации  и други вонредни состојби  кои можат да ја погодат земјата.