Во пресрет на велигденските и првомајските празници, Националната федерација на фармери (НФФ) започна афирмативна кампања „Купувајте домашни производи“.

Целта на кампањата, како што најавија од Федерацијата, е зголемена потрошувачка на домашните земјоделски производи на нашиот пазар.

– Здравствената и економска криза предизвикана од Коронавирусот направи нарушување на пазарните синџири и создаде дополнителни проблеми во дистрибуцијата, затоа треба да се дејствува на дoмашен
план и да се купуваат домашни земјоделски производи. На ваков начин ќе помогнеме на земјоделството и фармерите и ќе се влијае позитивно на домашната економија, потенцира Васка Мојсовска, претседателка на НФФ.

Националната федерација на фармери ги повикува и другите здруженија на граѓани да ја подржат афирмативната кампања „Купувајте домашни производи“ и бара од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во кординација со Министерството за економија да преземат мерки и иницијативи за поттикнување на компаниите, маркетите да го зголемат откупот на домашни земјоделски производи, за да немаме вишок на храна оставена на самото поле.

Во соопштнието НФФ посочува дека околу 180 илјади семејства кои живеат во руралните средини егзистираат од земјоделство.

Градинарското производство и производството на овошје и грозје, како и сточарството се одвива главно кај индивидуалните земјоделски производители, карактеристично со мали стопанства и фрагментирани парцели, се наведува во соопштението.

Според официјалните статистички податоци во Република Македонија, како што се посочува, 48 илјади индивидуални земјоделски стопанства егзистираат од лозарство, 60 илјади земјоделски стопанства егзистираат од градинарство и 36 илјади земјоделски стопанства егзистрираат од овоштарство. Во сточарството има вкупно 6000 регистрирани одгледувалишта на добиток, посочуваат од НФФ.