Дарко ЈАНЕВСКИ
Иако кај христијаните е вкоренето мислењето дека сржта врз која е изградена нивната вера – воскреснувањето на Исус – се наоѓа во четирите Евангелија, по Матеј, Марко, Лука и Јован, вистината е запишана неколку години пред настанување на евангелијата од страна на апостол Павле.
Имено, сите четири евангелија ја имаат горе-доле истата приказна – Исус е погребан, во недела доаѓаат жените и ја наоѓаат гробницата празна, потоа, зависно од тоа кое евангелие го читате, еден маж, двајца мажи или ангел им кажуваат дека Исус не е тука и дека воскреснал, а потоа Исус им се јавува на апостолите.
Но сите тие можат да бидат и обични раскази. Вистинската приказна врз која е изградено христијанството ја изнесува Павле во Првото послание до Коринтјаните, глава 15.
Тука Павле опишува дека Исус бил „погребан“ (што значи дека телото не било оставено на крстот, фрлено на животни од Римјаните или закопано во некоја заедничка гробница, бидејќи терминот „погребан“ означува положување согласно тогашните обичаи во посебна гробница) и дека „на третиот ден воскресна, согласно Писмата“.
Потоа, вели Павле, Исус му се јави на Петар (го употребува неговото арамејско име Кифа), а потоа и на единаесетте апостоли.
За да се отстрани евентуалниот сомнеж (апостолите можат да тврдат дека Исус им се појавил, за да го оправдаат своето дејствување, а тоа да не е така), Павле пишува дека „еднаш им се јави на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи и денес, а некои починаа“.
Со оглед на тоа дека се смета дека Посланието е напишано околу 54-та година од нашата ера (десетина година пред да се појави првото Евангелие по Марко, меѓу 60 и 70 година, 20тина години пред Матеј и Лука и најмалку 30 години пред Евангелието по Јован) ова е прв изречен доказ за воскреснувањето на Исус во кој се споменуваат обичните луѓе. Павле, фактички порачува дека многу од луѓето пред кои се појавил Исус (500-тини) се се уште живи, па секој скептик може да провери така што самиот би поразговарал со некој од нив.
Фактот што Павле вели „еднаш се појави пред 500-тини луѓе“, упатува на тоа дека имало и други појавувања пред масовен број луѓе, но ова е случај во кој тој се уверил дека е вистинит. Неговата порака до скептици во таа 54 година всушност е: Еве ви ги луѓето, многу од нив се живи, иако некои починаа (писмото е пишувано 24 години години по воскресението – ако прифатите дека од трите термини на настанот – 27 година, 30 и 33 – најверојатен е вториот) и прашајте ги! Јас прашав!
Потоа Павле продолжува дека Исус му се појавил и на Јаков, неговиот брат, кој се смета дека до тој момент бил прилично голем скептик околу тоа кој е Исус, па оттука не случајно Павле токму него го споменува. Па им се јавил на сите апостоли (од поширокиот круг, а не само на 12-те), за на крај, самиот Павле да напише:
„А по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче, зашто јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата црква.“
Како Павле ги дознал овие факти? Се смета дека Исус нему му се појавил во 32 година на неговиот пат кон Дамаск (меѓу една и тѕри години по смртта на Исус; ако Исус е распнат 30-та година, тогаш се зема 32 година, ако е распнат 33-та година, тогаш појавувањето ан Павле би било во 35 година итн). Тогаш Павле три дена ослепува, не јаде и не пие, по што му се враќа видот и тој престанува да биде прогонител на христијаните. Но, таа сцена не е доволна. Оттука, во 35-та година (или 38-ма) заминува во Ерусалим и има средба со Петар и Јаков, всушност се затвораат во куќата во која престојуваат и средбата и разговорите траат 15 дена. Така, Павле од прва рака ги дознава сите податоци кои им биле достапни и познати на Петар и Јаков. Јасно ви е дека првото прашање, упатено од Павле кон Петар и Јаков, кога влегол во куќата во Ерусалим во која го пречекале, било: Што навистина се случи?
А овие сведоштва, Павле ги прибира само пет години по погубувањето на Исус, неговиот погреб и тврдењата дека воскреснал. Сосема кратко време за да може да се смета дека нешто клучно се променило во меморијата на тие што биле сведоци на настаните. По 15-те денови разговори, Павле го напушта Ерусалим, но се враќа во 48 година за да провери, уште еднаш, дали неговите проповедања се во ред. Тогаш, по повторните средби со апостолите, од прва рака уште еднаш се уверува во настаните што се случиле 18 години пред тоа и заклучува дека сеедно кој проповеда, тој, Тома или било кој, учењето е исто, зашто се заснова на исти податоци за настаните.
Тие сведоштва кои Павле ги собрал, се опишани токму во овие неколку стиха од Посланието до Коринтајните напишано во 54 година:
15. За воскресението на мртвите.
1. Браќа, ви напомнувам за Евангелието, Кое ви го проповедав а Кое вие го примивте и во Кое стоите.
2. Преку Него и се спасувате, ако Го држите како што ви проповедав, освен ако не сте поверувале напразно.
3. Ви го предадов најнапред она, што го бев и примил, дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата;
4. дека Он беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата,
5. и дека му се јави на Кифа и потоа на +единаесетте;
6. после им се јави еднаш на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи и до денес, а некои починаа;
7. потоа му се јави на Јакова и на сите апостоли,
8. а по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче,
9. зашто јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата црква.
Патем, ова е едно од седумтте посланија за кое нема сомнеж дека е автентично, односно дека е напишано од Павле. Имено во Библијата има 13 негови писма, но за шест од нив, научниците се речиси едногласни дека не се напишани од него. Првото послание до Коринтјаните спаѓа во автентичните седум.