Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев вечерва потврди дека е поднесена кривична пријава против кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.
Чулев за телевизијата 24 информира дека СВР Куманово ја поднел пријавата против Димитриевски по член 206 од Кривичниот законик истакнувајќи дека МВР постапило согласно извештајот од ДЗСИ.
-Во координација со основниот јавен обвинител во текот на денешниот ден беше поднесена кривична пријава против градоначалникот Максим Димитриевски по член 206 од Кривичниот законик од страна на СВР Куманово до Основниот јавен обвинител кој ја прифати пријавата. МВР постапи согласно извештајот од ДЗСИ и согласно тоа СВР Куманово поднесе кривична пријава до ОЈО, е сега ОЈО треба да пушти дополнителни насоки, доколку ние треба да ги реализираме. И ОЈО ќе оцени дали треба дополнителни активности треба да бидат преземени од страна на МВР, рече Чулев за ТВ 24.
Тој појасни дека известувањето било доставно до Бирото за јавна безбедност, а веднаш потоа било процесуирано до СВР Куманово.
–Случајот со градоначалникот на Куманово според мене има и одредена политичка димензија, меѓутоа од страна на Комисијата беше доставено соодветно известување до директорот на БЈБ, не беше доставено до мене, и истото од страна на Бирото за јавна безбедност беше процесуирано до Секторот за внатрешни работи, Куманово во текот на денешниот ден. По правило, може да се поднесе известување и до БЈБ и до министерот за внатрешни работи и логично би било да биде поднесено и до двете страни, меѓутоа доволно е и едно, така решил ДЗСИ, рече Чулев.
Според Чулев, кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски ја испочитувал процедурата за тестирањето.