Младите не се само иднината на Македонија. Тие се нејзината енергија, нејзиниот глас и силата што може да донесе нови идеи, поинаков пристап и вистински промени. Токму со таа порака, на Пелистер денеска се одржа Првата изборна конференција на Клубот на млади на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, на која за претседателка беше избрана Мила Петрушевска, магистер по правни науки од областа на казненото право и членка на Советот на Општина Куманово, се вели во соопштението од ЗНАМ.
Конференцијата претставува важен чекор во организациското јакнење на Движењето и отворањето ново поглавје во организирањето на младите. Формирањето на Клубот на млади е дел од Акцискиот план на ЗНАМ, со јасна цел, создавање организиран, активен и функционален младински подмладок, во кој младите ќе имаат простор да ги изразат своите ставови, да предлагаат иницијативи и непосредно да учествуваат во креирањето на политиките и насоките на Движењето.
Обраќајќи им се на делегатите, новоизбраната претседателка Мила Петрушевска истакна дека довербата што ја добила ја доживува пред се како одговорност, со визија за младинска организација што ќе биде присутна меѓу младите, ќе ги слуша нивните потреби и ќе создава можности за нивен личен и професионален развој.
„Мојата цел е да изградиме подмладок во кој младите нема само да бидат присутни на фотографии и настани, туку навистина ќе учествуваат, ќе предлагаат идеи и ќе имаат можност да влијаат врз одлуките. За мене е важно да не бидам само претседателка која ќе стои пред младите, туку некој што ќе стои зад нив, зад нивните идеи и иницијативи“ порача Петрушевска.
Таа нагласи дека нејзин приоритет ќе биде градењето цврста младинска структура, со активности на терен, едукација, обуки и конкретна поддршка за младите, со цел секој да добие можност да го покаже својот потенцијал и активно да придонесува во заедницата.
На конференцијата се обрати и претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, кој ја истакна важноста на младите како активни учесници во политичкиот и општествениот живот и потребата од создавање простор за нови генерации лидери. Тој порача дека силата на едно политичко движење не се мери само според резултатите што ги постигнува денес, туку и според луѓето што ги подготвува да ја преземат одговорноста утре.
„На младите не треба само да им ја препуштиме иднината, треба да им дадеме можност уште денес да ја создаваат. ЗНАМ сака млади луѓе со свои ставови, со храброст да предлагаат, со знаење да преземат одговорност и со енергија да ги претворат своите идеи во конкретни резултати“ истакна Димитриевски.
На Првата изборна конференција беше избрано и Координативното тело на Клубот на млади, кое заедно со претседателката ќе работи на поставување јасна организациска структура, утврдување приоритети и реализација на активности насочени кон поголемо младинско учество.
Со формирањето на Клубот на млади, ЗНАМ испраќа јасна порака дека младите не се декор на политиката, ниту публика што треба само да ги следи одлуките на другите. Тие се луѓе со идеи, знаење, амбиција и право да бидат дел од процесите што ја обликуваат нивната иднина.




