Во напад на украинско беспилотно летало во текот на ноќта врз градот Белгород во близина на руската граница со Украина загинаа две лица, а 13 се повредени, соопштија денеска локалните власти.

-Во нападот се оштетени 30 станбени блокови, 35 автомобили, четири куќи, три административни згради, осум трговски објекти и три социјални институции, рече регионалниот гувернер на Белгород, Александар Шуваев.

Во населено место во близина на градот Шебекино во регионот Белгород, загина едно лице, а друго е повредено, соопштија властите.

Претходно беше објавено дека пет лица се повредени во напад со беспилотни летала врз индустриски објект во рускиот Пермски регион.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана објави дека во текот на ноќта руски беспилотни летала уништиле товарен брод што пловел кон украинското пристаниште Черноморск. Бродот се користел за снабдување на украинската армија, според соопштението на министерството. Руските сили, исто така, уништиле логистички центар, дистрибутивен центар и логистички терминал во украинскиот град Харков. Според министерството, објектите се користеле за складирање и дистрибуција на стока со двојна намена за украинските вооружени сили.