Канцеларијата за азил на Европската унија ги објави бројките на барања за азил во ЕУ во текот на месец март, вкупниот број на барања паднал за 43 отсто, од Северна Македонија 81 лице побарале азил минатиот месец, најнизок број во последните две години, јави дописничката на МИА од Брисел.

Додека првите два месеца од оваа година барањата за азил се зголемија во споредбата со претходната година, во март се бележи масовен пад: 65.300 барања за азил во јануари, над 61 илјада во февруари, во март бројката паѓа на 34.737.

Пред да започне пандемијата со коронавирусот, барањата за азил и меѓународна заштита во ЕУ беа во пораст за шестнаесет отсто во споредба со истиот период претходната година, соопшти Канцеларијата за азил, ЕАСО.

Што се однесува до барањата од Северна Македонија, бројката падна на најниско ниво во последните две години, со 81 нови апликации за азил, и 11 повторни барања (односно веќе одбиени барем еднаш).

Сите одлуки за барањата од Северна Македонија биле одбиени во февруари и во март, во јануари е доделен бегалски статус на две лица.

Во првите два месеца од годинава најголем број барања за азил имало од Сиријци и Авганистанци, кои заедно сочинуваат една петтина од сите барања.

Меѓу државјанствата кои највеќе бараат заштита во ЕУ се граѓани на Колумбија, Венецуела, Ирак, Пакистан, Турција, Нигерија, Грузија и Сомалија.

Барањата од Косово, Северна Македонија и Молдавија се значајно намалени, додека Украинците бележат зголемување од 22 отсто во февруари споредено со јануари годинава.

Што се однесува до стапката на одобрување на барањата во ЕУ, таа исто така е намалена, на 27 отсто во февруари, и 30 отсто во март. Во истиот период лани, позитивните одлуки за азил изнесувале 35 отсто.