Мара Димова е симбол на борбата за работнички права во Тиквешијата. Одличната ученичка, монополска работничка која се борела за подобри услови за работа и поголеми плати, една од првите партизанки, загинала на возраст од само 26 години.
Историчарот Петре Камчевски во изјава за МИА потсетува дека таа била родена во Кавадарци, во 1918 година.
– Потекнувала од сиромашна земјоделска фамилија, која не била во состојба да ѝ овозможи нормално да се образова. Со цел да му помогне на своето семејство, уште како млада девојка се вработила како монополска работничка. Се вклучила во напредното младинско движење, а активно учествувала во штрајкот на монополските работници пролетта во 1941 година.
Нејзиниот внук од брат, кавадарчанецот Глигорче Димов, ни раскажа дека таа уште во 1937 година во монополот почнала да дејствува многу силно.
– Неколку пати поради тоа лежела во затвор во Велес. Бунтувала против големата експлоатација на работна рака и малите надници. Секогаш кога ја носеле од затвор била пострижена лустер. Жена со цврст карактер како камен и нежна душа за да ги сфати работниците. Била непопустлива работничка. Не се борела за себе, се борела за сите работнички права, за подобри услови за работа и поголеми плати. И дома имала проблеми со нејзините, кои ѝ велеле, не бунтувај се, ќе настрадаш, не само ти туку и целата фамилија, рече Димов, чија ќерка е крстена Марија, по нејзината храбра баба.
Во одредот „Добри Даскалов” меѓу првите партизани
Потекнувала од семејство со револуционерни идеи. Во 1941 година станала член на скоевската група во Кавадарци, која ја предводел Стефан Хаџи Тефов-Феткин, заедно со Даре Поп Атанасова, Даре Глигорова и Мица Камчева.
– Во времето на подготовките за исфрлање на тиквешкиот партизански одред, Мара Димова и една група девојки, членови на активот на АФЖ од Кавадарци, организирале собирање санитетски материјал, во однапред определени куќи. Во нејзината куќа, по формирањето на партизанскиот одред „Добри Даскалов”, таа и уште неколку девојки организирале изработка на чорапи, џемпери, шалови, ракавици и слично, потсети Камчевски.
Во партизанскиот одред „Добри Даскалов” излегла во првата група партизани. Во одредот го добила партизанското име Анка и заедно со Ката Баснаркова, Ката Видикова и Маре Поп Атанасова, по кратката обука, биле задолжени за санитетската слижба, која во одредот ја раководел Киро Хаџи Василев, студент по медицина.
– Во борбата што Втората македонска бригада ја водела со германските војници на планината Бигла на 28 април 1944 година, таа била тешко ранета. За време на лекувањето во импровизираната болница во Егејска Македонија била заедно со грчките партизани, состојбата ѝ се влошила поради несоодветната нега и отсуство на потребни лекарства и таа им подлегнала на раните, кажа Камчевски.
Гробот на Мара Димова мистерија до ден денес
Официјалната верзија за загинувањето на Мара Димова е дека при бомбардирање со авиони од страна на фашистичките сили во близина на сегашната македонско-грчка граница шрапнел од бомба наводно ја погодил во пределот на нозете.
– Гробот не ѝ го знаеме. Тој останува мистерија за нас, исто како и смртта. По ослободувањето имало обид да се пронајде гробот и дел од коските да се донесат овде, најблиските од семејството инсистирале и претставник од нив да оди на самото место, но ниту нивното барање било прифатено ниту, пак, коските биле донесени. Нејзиното оплакување беше и остана таму каде што биле погребани нејзините брат и сестра, ни кажа нејзиниот внук.
Тутунскиот монопол или комбинат до пред некоја година го носеше името Мара Димова. Бистата на Мара Димова гордо стои во Паркот на револуцијата во Кавадарци. И денес таа сè уште претставува инспирација за многумина во Тиквешијата и пошироко.
Светлана Дарудова за МИА