Блаже МИНЕВСКИ
Петар (Пере) Тошев е роден 1865 година во Прилеп. Гимназија завршува во Пловдив, а потоа студира филологија на Вишата школа во Софија. Тој е еден од основоположниците на македонската револуционерна организација. На Конгресот во Смилево, Тошев е против општо востание, сметајќи дека тоа е “илузија која ќе донесе само несреќи.” Сепак, кога веќе е било одлучено дека востание ќе има, Пере е назначен за член на Главниот штаб на Илинденското востание. Во 1908 година ги издава весниците “Конституциона зора” и “Културно единство”. За да го спаси од ново заточение, Организацијата му предлага учителска работа во Солун, но тој одбива. Во 1911 година веќе е во болницата на д-р Стефан Сарафов во Софија, каде што го лекува својот хронично болен желудник. Една година подоцна, истоштен од постојаните болки во стомакот, а згора на тоа и скршен од најавената поделбата на Македонија меѓу Србија и Бугарија, тргнува за Прилеп, за да биде и во тие тешки времиња меѓу својот народ. Притоа, во себе ги носи и плановите за обновување на македонската револуционерна организација на старите принципи, на принципите воспоставени пред петнаесеттина години од него, од Гоце Делчев и од Даме Груев. За жал, уште во Софија, пред да тргне, веќе е предаден од противниците на македонското ослободително дело. На патот кон Прилеп, во Дреновската клисура, влегува во добро подготвена и однапред испланирана заседа. Убиен е на 21 април 1912 година по стар календар или на 4 мај по новиот.
Сеќавање на Николај Тошев, правнук на Пере Тошев:
“ Мојот дедо немал време за спомени!”
“За разлика од останатите македонски револуционери од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, кои ги пишувале сами или, пак, му ги диктирале на професорот Љубомир Милетич, мојот прадедо Пере Тошев не оставил никакви пишани спомени, иако е еден од основачите на македонската револуционерна органиација. Татко ми Светозар Тошев, внук од брат на Пере Тошев, тврдеше дека тој тоа го направил од скромност, зашто секој што пишува за себе мора да е субјективен, а може дури и да ги премолчува настаните кои не му одат во прилог. Како и татко ми, Пере Тошев искрено верувал дека не се битни поединците, туку идејата за слободна и независна Македонија. За поединците, кои работат за “делото”, треба да зборуваат делата, а не тие самите за своите дела. Но, како и да е, на татко ми. за кого неговиот чичко беше беспрекорна личност, сепак му беше многу тешко затоа што малку се знае што се направил Пере Тошев за својот народ. Последните години од животот тој ги помина истражувајќи во архивите за пронајде и да остави некакви документи за својот славен претходник. Од тој материал направи книга, еден вид биографија за Пере Тошев од раѓањето до смртта. Меѓу другите документи што ги откри, особено му беше драго она што за Пере Тошев го имаше напишано Антон Страшимиров, со кого заедно ги издавале весниците “Конституциона зора” и “Културно единство”.
Пере Тошев беше совеста на македонската револуционерна организација!
– Неговиот другар Антон Страшимиров, меѓудругото, запишал: ”Ако Гоце Делчев е вољата, Ѓорче Петров – разумот, тогаш Пере Тошев е совеста на македонската ревлуционерна организација…” Тој, на пример, за разлика од многумина други војводи и обични борец на Организацијата, по крвавото задушување на Илинденското востание, не побегнува во Бугарија, туку останува со својот народ, останува во Македонија, споделувајќи ги сите таги и ужаси со обичните луѓе. За него во нашата куќа секогаш се зборуваше со голема почит, како за човек со благ карактер, како за револуционер, чии име нема да го сретнете во списоците на братоубиствените пресметки меѓу Македонците, а истовремено тој е и човек кој целиот свој живот го посветил на борбата за ослободување на Македонија- вели Николај Тошев, правнук на Пере Тошев, инжинер кој завршил металургија во Петроград и економист со завршен Економски факултет во Софија. Сега овој средовечен правнук на Тошев (разговорот со него е од пред 15-тина години, н.з.) е сопственик на компанија од областа на металургијата; има два сина, Светозар и Божидар, кои, исто така работат во семејниот бизнис, а во меѓувреме е и потпретседател на Сојузот на македонските друштва во Бугарија. Заедно со 80 годишниот внук на Христо Матов, исто така еден од основоположниците на македонската револуционерна организација, се обидуваат да ги организираат македонските бежанци кои живеат во Варна, Пловдив, Велико Трново, Несебар и во другите градови во една силна и моќна асоцијација, каков што бил Сојузот на македонските братства на почетокот од дваесеттиот век. Правнукот на Пере Тошев смета дека Сојузот мора да остане настрана од политичките партии, зашто нивните демагошки програми ги обезличуваат идеалите на Македонците кои ги положиле своите животи за македонската кауза. Како што, впрочем го положил и Пере Тошев.
– Семејството Тошеви, овде, во Бугарија, не се занимава со политика п со партиска дејност. Ангажманот во Сојузот на македонските друштва е да се зачуваат спомените на Македонците за Македонија, за своите села кои одамна ги имаат напуштено. Во Бугарија во првите децении на минатиот век имало повеќе од 700 македонски братства од цела Македонија, а сега има одвај десеттина друштва во исто толку градови каде што живеат Македонци. Но, да се вратиме на Пере Тошев. Се сеќавам дека татко ми многу често зборуваше, а притоа и се гордееше, дека неговиот чичко, заедно со Ѓорче Петров во 1893 година ги организирал првите револуционерни комитети во Битола и во Прилеп. Битолскиот округ, неколку година подоцна, станува своевиден центар, столб на македонското револуционерно движење Ѓорче и Пере тогаш го издаваат и весникот “На оружје”. Како што запишал Ѓорче во своите спомени, биле отпечатени девет броја од весникот, кој бил испраќан на доверливи адреси во 30-40 примероци. Во исто време, во Солун, весник на Организацијата печати и Даме Груев. Неговиот илегален весник се викал “Востаник”. Во летото 1894, Пере и Даме се сретнале во Битола и се согласиле Солунскиот и Битолскиот револуционерен округ да бидат во постсојана комуникација. Тој принцип потоа се практикувал и со другите окрузи, дури не бил конституиран Ценатрален комитет на револуционерната организација. Татко ми успеа да пронајде примерок на весникот “На оружје”, а во него и текстот на Пере Тошев во кој пишува дека по ослободувањето на татковината, земјата што ќе им биде одземена на Турците, ќе им биде поделена на “македонските робови”. На Конгресот во Смилево, кога е донесена одлуката за кревање на општонародно востание, Тошев ќе гласа против, сметајќи дека народот не е подготвен за такво востание и дека во такви услови тоа е илузија која ќе донесе само уште поголеми несреќи. Во своето обраќање, тој, меѓудругото, рекол дека “Македонија личи на бомба од чиј тресок Европа стравува, но, штом бомбата ќе експлодира, истата таа Европа ќе ни ја види силата и брзо се ќе заборави”. По крвавото задушување на востанието, Пере Тошев, заедно со уште неколкумина војводи, меѓу кои се и Петар Ацев и Ѓорѓи Сугаре, останува во Македонија. Следуваат тешки година до 1908, а потоа и нови искушенија по разочарувањето од Младотурската револуција. Во 1911 година Пере Тошев е на лекување во Софија. Со оглед на својот карактер, како чесен и тивок човек, тој, на пример, зимата 1911 година ја поминува во тешка мизерија не барајќи помош од никого. Не сака да ја прими, на пример, ни помошта што му ја праќа “спомогателната” организација од Прилеп. Никаква помош не е понудена од касата на ВМРО, но и да била понудена – Пере сигурно ќе ја одбиел, иако во тоа време многу војводи и комити добивале одредена сума пари како своевидна “боречка пензија”. Во душата на Пере Тошев болката не е за тоа што е осамен и, речиси заборавен, туку затоа што се насетува скорешната поделба на Македонија меѓу Србија и Бугарија. Иако тешко болен, тој одлучува да замине во Македонија, да се обиде нешто да направи и во тие тешки времиња за татковината. Тргнувајќи на пат на еден или двајца свои пријатели им вели дека “нема поголеми среќа од тоа да ги оставам коските во родината”. На пријателите што прават напори да го задржат во Софија барем уште неколку месеци, им вели: ”Еден пат се умира”. Тргнува од железничката станица во Софија со обележан пасош. Предавниците успеале да го однесат директно во заседа – вели Николај Тошев, држејќи ја во рацете рамката со единствениот портрет на Пере Тошев направен неколку месеци пред да замине во Македонија засекогаш.
Дреновската клисура
Очите му се полнат со солзи додека гледа во портетот. Погледот на Пере Тошев како да им се потсмевнува на оние што му го нагориле крајот на пасошот со цигара.
”Овој портрет во нашиот дом е близу сто година. Се предава од колено на колено како света реликвија. И рамката е од тоа време – додава Николај. Кога го гледам Пере во очите, ми се чини дека тој знаел оти го чекаат за да го убијат. Разочаран од падот на револуционерната организација, тој во таа 1912 година свесно, од револт поради поделбата на Македонија, заминува да го положи својот живот за да ја разбуди совеста на македонските револуционери, а потоа можеби и на Европа. Иако на Европа не и верувал. Всушност сметал дека Европа брзо ги заборава малите народи, дури и тогаш ако тие загинат до еден за својата слобода. Од друга страна, неговиот животен принцип, како што пишува неговиот пријател, војводата Петар Ацев, бил краток и едноставен: ”Ништо за себе, се за татковината” – вели Никола Тошев.
Турците забраниле погреб на Пере во Прилеп
Прелистувајќи ги пожолтените белешки на својот татко, и ракописите за Пере, кои се уште не се објавени, Николај Тошев се враќа на кобниот ден кога Пере Тошев тргнува од железничката станица во Градско право кон заседата која веќе неколку часа чека да им излезе пред пушките.
– Четириесет годишниот Пере Тошев од станицата во Софија го испраќаат неколкумина пријатели, патува потоа цела ноќ и минувајќи во мугрите низ Врање и Прешево, рано изутрината веќе е во Македонија. Околу ручек стигнува во станицата во Градско, каде што со радост го пречекува неговиот другар Спиро Кондов. Тој го советува ноќта да преспие кај него, па изутрината заедно да тргнат кон Прилеп. Му кажува дека состојбата во Македонија е многу лоша, дека има потери и заседи насекаде. За жал, Пере не го послушува и по неколку часа тргнува од Градско за Прилеп. Во Дреновската клисура го чека заседата, и, само што наближуваат, пушките згрмуваат и Пере Тошев заедно со својот придружник паѓа тешко ранет. Турците од Сирково ги одвлекуваат во блиската воденица и таму ги бодат со ножеви, им сечат парчиња од телата и најпосле ги убиваат. Веднаш потоа набрзина ги запретуваат во браздата крај патот. Следните пет дена никој не знае што се случило со ”совеста на македонската револуционерна организација”. Дури на петтиот ден турската власт им соопштува на најблиските дека Пере Тошев е убиен. Тогаш Спиро и Коце Тошев, заедно со Фана и Паца Тошеви, доаѓаат во Дреновската клисура. Со раце го откопуваат трупот на Пере и тргнуваат кон Прилеп. На патот ги стигнуваат турски војници од Дреново и ги враќаат назад со наредба дека погребот не можат да го извршат на друго место, зашто во Прилеп е забрането. Тогаш тие одлучуваат да го погребат во дворот на црквата во селото Фариш. Деведесет година подоцна, во 1993 година, моштите на Пере Тошев беа пренесени во Прилеп. Роднините мене не ме поканија; ми беше многу жал што не присуствував на погребот, но имам касета, ми ја прати мојот братучед Слободан од Прилеп. Многупати досега ја имам гледано и секогаш кога одново ја гледам, очите ми се полнат со солзи – раскажува Николај Тошев, правнук на Пере Тошев тивок и чувствителен човек кој секогаш, и покрај своите обврски во компанијата, има време за спомените на својот предок, но и за работа во Сојузот на македонските друштва во Бугарија.
Ни вели дека просториите на неговата фирма во Софија, кои се во самиот центар, наспроти американската амбасада, секогаш се отворени за сите Македонци. Дента кога ние бевме кај него постојано звонеше телефонот.
“Се јавува братучед ми Слободан од Прилеп. Син му Горазд е кандидат за упис на фармација. Ќерка му Јасминка го заврши истиот факултет овде, во Софија”, вели Николај и извинувајќи ни се, се јавува уште еднаш на факултетот за да провери кога ќе се соопштаат списоците за примени студенти. Се радувам, вели, што многу Македонци сега доаѓаат овде на студии. Порано доаѓале најчесто за да се убиваат меѓуе себе.
На одење, испраќајќи не до излезот од зградата, пред која специјалци ја чуваат американската амбасада, ни кажува дека Македонија сега треба да се договори со Бугарија сите документи и архиви што се однесуваат на Македонија да се копираат и да се однесат во Скопје. Ние не треба да се откажуваме од ниту еден дел на историјата, без оглед дали ни се допаѓа се што правеле нашите претци или не. Тое е историја и од неа не може да се побегне, вели тој.- На македонската историја местото и е во Македонија, но нема историја без документи и архива – вели Николај Тошев, правнукот на Пере Тошев.