Шефовите на држави и влади на ЕУ и на земјите од западен Балкан денеска ќе одржат видео самит на кој главна тема ќе биде помошта за кризата со коронавирусот, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Овој самит во Загреб нема да се фокусира на проширувањето кон регионот, објаснија европските дипломати денеска, делумно поради санитарната криза, а делумно и поради тоа што проширувањето се третира во рамките на Советот за општи работи на ЕУ.
-ЕУ е најважниот партнер за регионот на западниот Балкан и оваа видеоконференција ќе го нагласи значењето на уникатните односи ЕУ – Западен Балкан, најави Советот на ЕУ.
ЕУ одлучи да му помогне на регионот со 3,3 милијарди евра поделени на шесте земји од регионот во знак на солидарност.
Овие фондови ќе бидат предмет на строг надзор од страна на ЕУ институциите.
-Ве уверувам дека секоја транша е предмет на многу строга ревизија и контролни механизми и доколку има и најмал сомнеж за потенцијална злоупотреба на фондовите, ќе отвориме истрага која може да доведе до кривичен процес. Фондовите на ЕУ се поврзани за многу строги услови, изјавија од Европската Комисија.
Иако начелно регионот беше исклучен од повеќето фондови и механизми за помош, Европската Унија се коригираше, па така од крајот на април земјите од регионот не треба повеќе да бараат посебни дозволи за увоз на медицинска опрема потребна за борбата против вирусот. Ова беше одговор на бројни критики, посебно во Србија, каде претседателот јавно изрази незадоволство од тоа што ЕУ помага помалку од Кина во неговата земја.
-Видовме проблеми во комуникацијата, се генерираа и ширеа лажни обвинувања за пријателството меѓу ЕУ и земјите од регионот, лидерите треба да се усогласат во пораките и треба да се спротивставиме на погрешната концепција за нашите односи, изјави висок ЕУ дипломат.
За ЕУ “нема сомнеж“ дека западниот Балкан е “близок партнер“ и дека ниту Кина ниту Русија не му се поблиски и поголеми пријатели на регионот.
Критики за јавија меѓутоа и поради фактот што овој самит нема да се фокусира на проширувањето, а загрепската декларација која треба да ја потпишат сите лидери утре не го споменува зборот проширување, ниту членство или пак преговори со Македонија и Албанија.
Од ЕУ ги отфрлаат овие критики.
-Утре идејата е да се потврди уште еднаш ЕУ перспективата на регионот, ние тоа го правиме со нашите партнери. Фактот што имаше одлука за С. Македонија на 26 март јасно покажува дека ЕУ перспективата е главен поттик за реформите кои се од бенефит за сите граѓани, покажавме дека испорачуваме кога нашите партнери испорачуваат. Не разговараме за проширувањето, од една страна затоа што Ковид-19 е главна тема, но тоа не значи дека процесот се прекинал, процесот ќе продолжи на следната средба на Советот за општи работи во јуни, и ќе напредува, сметавме дека има специфична тема на која треба да се фокусираме, изјави висок ЕУ дипломат инволвиран во подготовката на самитот.