Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа стави вето на резолуцијата донесена во Конгресот со која се бара да се ограничи неговото евентуално воено дејствување против Иран.

„Ова беше навредлива резолуција предложена од демократите како дел од стратегијата за победа на изборите на 3 ноември со обиди за разединување на Републиканската партија“, се вели во изјавата на Трамп.

Текстот на Резолуцијата беше одобрен од двата дома на Конгресот, благодарение на поддршката на дел од членовите на Републиканската партија. Според таа резолуција, претседателот на САД не може да испрати трупи за „непријателско дејствување против Исламската Република Иран“ или „кој било дел од неговата влада и војска“ без „експлицитно одобрување“ на Конгресот во форма на изјава за војна или специјално одобрување.

Според Трамп, резолуцијата „ќе нанесе многу штета на можноста на претседателот да ги заштити“ САД и сојузниците.

„Живееме во непријателски свет каде заканите постојано се менуваат и уставот признава дека претседателот мора да може да ги спречува постапките на нашите противници и да дејствува брзо и одлучно како одговор на нив“, напиша тој.

„Тоа и го направив“, заклучи тој.