Украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше со својот фински колега Александер Стуб и со норвешкиот премиер Јонас Гар Стере, по нивниот денешен телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, соопшти советник на Зеленски.
Стуб и Стере „јасно му ставиле до знаење на рускиот лидер дека се потребни конкретни мерки за деескалација во однос на нашиот енергетски сектор и инфраструктура“, напиша Зеленски на Телеграм. Од кабинетот на Стуб соопштија дека денешниот разговор со Путин бил поврзан со претстојните преговори со Украина, за кои портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, подоцна изјави дека Русија е подготвена да ги обнови со посредство на САД, со предвидена следна рунда во ноември во Абу Даби.
Финскиот претседател изјави дека имал „искрена и содржајна“ дискусија со Путин.
– Русија е наша соседна земја. Исходот од војната ќе има директно влијание врз нас и врз европската безбедност во поширока смисла. За завршување на војната потребни се директни разговори – додаде финскиот претседател.
Стере и Стуб минатата недела учествуваа на средба со специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, и со Зеленски во Осло. Следниот ден Виткоф замина за Санкт Петербург на консултации со Путин.
Во меѓувреме, портпаролот на Кремљ пред новинарите изјави дека досега не се регистрирани прекршувања на примирјето, кое стапи во сила рано утринава во областа на украинскиот град Олешки, кој е под руска контрола.
Руското Министерство за одбрана на Телеграм објави дека утринава во 4 часот по московско време го запрело гранатирањето во правец на украинскиот град Херсон, со цел да се овозможи подготовка на хуманитарната операција во Олешки. Украинскиот народен правобранител Дмитро Лубинец на Фејсбук потврди дека прекинот на огнот од украинска страна започнал во истиот час.
Градот Олешки се наоѓа на источниот брег на реката Днепар, во областа Херсон, чиј поголем дел е окупиран од руските сили. Околу 2.000 луѓе се блокирани во градот и немаат пристап до храна и лекови, а не можат да го напуштат поради мините и нападите со беспилотни летала во областа.
Белата куќа минатата недела соопшти дека првата дама на САД, Меланија Трамп, помогнала во постигнувањето договор за овој локален прекин на огнот во Олешки.
МИА




