Настанот во Струга очигледно не бил добро организиран и во текот на утрешниот ден ќе спроведеме истрага, истакна синоќа министерот за внатрешни работи Наќе Чулев во гостувањето на ТВ Алфа.
– За литијата во Струга во текот на утрешниот ден ќе постапиме согласно полициските процедури да видиме кои се пропустите што се направени од страна на полициските службеници во Струга и во СВР Охрид. Имавме вакви случаи во Сингелиќ и Гевгелија, не е прв случај, генерално граѓаните ги почитуваат мерките, но се работи за важен верски настан којшто не е добро организиран очигледно. Како МВР ќе извршиме препознавање и доколку е неопходно ќе биде санкцинирано, изјави Чулев.
Во Струга вчера по 11 пат се одржа Ѓурѓовденската литија – Еордија. Поради вонредната состојба со пандемијата на коронавирусот, и во согласност со превентивните мерки на државните и здравствените власти, организаторите најавија дека Литијата ќе биде составена само од дел од локалното свештенство и монаштво. Сепак, голем број граѓани беа дел од Литијата, што предизвика бројни коментари на социјалните мрежи, пред се’ поради тоа што не се почитуваа мерките на Владата на Македонија, кои предвидуваат забрана на собири во време кога се’ уште е на сила забраната за собирање на повеќе од две лица.
Со реакција се јави и министерот за здравство Венко Филипче, кој порача дека сцените кои ги гледа во Струга се крајно разочарувачки за него.