Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР) достави до Владата нов инструмент за технолошки развој за брзо прилагодување на КОВИД опкружувањето, со почетен вкупен буџет од 200 милиони денари. Наменет е за економско заздравување на домашните компании во посткризната фаза, нивно брзо прилагодување кон новонастанатите пазарни услови и брз развој.
Со оваа мерка, како што соопшти денеска ФИТР, во првично одобрениот износ се очекува да бидат опфатени помеѓу 180 и 200 домашни компании.
Новата мерка е подготвена во консултации со повеќе стопански комори и бизнис асоцијации во земјата, а обезбедена е првична согласност и од Светската Банка, како клучен финансиски партнер на Фондот.
Фокусот на мерката е брза реорганизација и воведување на дигитални системи и алатки со цел прилагодување кон новите услови на функционирање, подобрување на организационата структура, реорганизација на работните процеси со цел зголемена продуктивност, прифаќање и воведување на насоки за заштита на вработените и клиентите поврзани со КОВИД кризата, како и воведување нови производи или услуги за кои постои зголемена побарувачка во новонастанатите пазарни услови.
Предвидени се и скратени рокови за аплицирање, пократко времетраење на проектите – најмногу до шест месеци, како и соодветно прилагодени износи за кофинансирање.
Финансиската поддршка е прилагодена кон големината на компаниите. Микро претпријатијата би можеле да добијат најмногу до 750.000 денари, малите претпријатија до 1.500.000 денари, а за максималниот износ до 3.000.000 денари може да аплицираат претпријатијата со средна големина. Компаниите се обврзани да обезбедат најмалку 30 проценти сопствени средства за учество во инвестициите.
Од Фондот зља иновации и технолошки развој истакнуават дека со оваа мерка воведуваат иновативен механизам на финансирање, преку кој се доделуваат средства со поврат од 15 проценти од бруто добивката остварена во првите три години по завршување на проектот. Домашните компании немаат обврска да обезбедат гаранции за добивање на финансиска поддршка. Користењето на средствата од Фондот, како и досега, ќе биде предмет на мониторинг од страна на реномирани странски ревизорски куќи, ангажирани од страна на Фондот.
По завршување на владините процедури, ќе следи јавен повик за доделување на финансиска поддршка. Новиот инструмент е дел од пакетот мерки за ублажување на економските последици од корона-кризата, а според најавата од ФИТР веќе се во подготовка и нови иницијативи.